Завршува рокот за закуп на државно земјоделско земјиште

Постапката за доставување понуди за добивање земјоделско земјиште во закуп  согласно со јавниот повик во април оваа година, кој се однесува на подигнати долгогодишни насади, завршува денеска.

– Отворањето ќе биде на 25 мај за сите доставени понуди. Целта на објавениот повик е сите кои имаат подигнато долгогодишни насади на државно земјиште на максимална површина до 30 хектари да достават понуда која е прифатлива и согласно објавените услови за 33 региони во Македонија да изработат соодветни елаборати. Условот е насадите да не бидат помлади од пет години, појасни вчера Ванчо Костадиновски, заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Потсети дека во 2015 година беше објавен повик за легализација на земјоделско земјиште и од него се склучени 648 договори за површина од 700 хектари, како и за огласот до три хектари за кој се склучени 300 договори за површина од 400 хектари државно земјиште.

– Овој повик, кој е објавен за површини над три хектари со максимална површина до 30 хектари, е прв во серијата за којшто истекува рокот за доставување на понудите, истакна Костадиновски.

Информираше и дека се во тек огласи за околу 4.400 хектари од кои 2.200 се за комерцијална намена и се за површини над три хектари каде што покрај намената одредена за одгледување на едногодишни култури инвеститорите треба да предвидат изградба на капацитети како објекти за примарна обработка на земјоделско производство, во вредност од 5.400.000 евра. Рокот на комерцијалниот оглас е 23 мај. За останатите 2.200 хектари кои се без посебна намена за земјоделците во пет региони огласот трае до 25 мај оваа година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.