Здрава нација, приоритет на секоја влада

Здрава нација треба да биде врвен приоритет за секоја влада.На здравството веќе не смее да се гледа само како на потрошувач, туку пред се како на контрибутор за создавање подобра економија и благосостојба на населението. Ова е пораката од I-та Регионална конференција за фармако-економските аспекти на здравствените системи во Југоисточна Европа, која се одржува на 12 и 13 септември, во Бриони, Хрватска, со наслов „Фармакоекономските аспекти во здравствените системи на Југоисточна Европа“, во организација на Европскиот центар за мир и развој (ECPD) при Универзитетот на ОН во рамките на ECPD Меѓународната програма за трансфер на знаење, a на иницијатива на министерствата за здравство на Црна Гора и на Федерацијата на Босна и Херцеговина. На I-та Регионална конференција учествуваат сите релевантни фактори во здравствените системи, институции кои обезбедуваат здравствени услуги во регионот.

На овој еминентен стручен собир свое излагање на тема „Реформите и предизвиците во македонскиот здравствен систем и фармацевтските политики“ имаше директорката на ФЗОМ, м-р Маја Парнарџиева-Змејкова.

Maja Парнарџиева-Змејкова на овој стручен собир е поканета да ги презентира своите искуства за успешните резултати во реформите во здравството и да ги претстави предизвиците со кои се справува Република Македонија пред министерите за здравство и директорите на фондовите за здравство на земјите од Југоисточна Европа. Но и пред претставниците од академската јавност, како челните луѓе од универзитетите од Берлин, од Јејл, директорот на канцеларијата на Светската Банка во Србија, но и врвните менаџери на здравствените системи од регионот и Европа.

Излагањето на директорката Парнарџиева-Змејкова ги опфати модалитетите за успешност на реформите за рационална употреба на лекови, фармакоекономијата, безбедност на пациентите и услугите во јавното здравство. Таа ја поздрави иницијативата за градење широко партнерство за развој на здравствените системи на национално ниво.

Голем интерес предизвика делот од предавањето во врска со начините како да се постигнат поголеми ефекти со ограничени финансиски средства. Иако светот е во финансиска рецесија, сепак, Македонија го следи светскиот тренд на вложување во здравството, преку големи инвестиции во опрема, обуки и усовршување на здравствените работници. Но и големи инвестиции во инфраструктурата и електронски услуги што Фондот ги нуди и во кои, во споредба со земјите од регионот, претставува лидер во нивната имплементација.

Дискусии и размена на искуства и ставови предизвика и делот од презентацијата во врска со предизвиците со кои се соочува Фондот за здравствено осигурување на Македонија, како впрочем и другите здравствени системи и фондови, во однос на демографскиот фактор, односно стареењето на популацијата. Парнарџиева-Змејкова ги објасни преземените чекори кои Македонија ја направија лидер во регионот во електронските услуги во здравството и ФЗОМ со проектот „Електронска здравствена картичка“, укинување на хартиените здравствени легитимации, воведувањето електронски упат и електронските рецепти со што во целост се заокружува интегрираниот електронски здравствен систем.

На овој стручен собир свои презентации имаат и Синиша Варга, министер за здравство на Хрватска, Златибор Лончар, министер за здарвство на Србија, Миодраг Радуновиќ, министер за здравство на Црна Гора, Русмир Месиховиќ, министер за здравство на Босна и Херцеговина и директорите на фондовите за здравство на земјите од регионот, високи претставници на меѓународните тела за здравство, Арне Бјорнберг, претседател на Евро индексот за здравство (EHCI), претставници на академската фела, Коснод Каве, Школа за јавно здравство, универзитетот на Јејл, САД, Клаус-Дирк Хенке, Институт за економија и трговско право на Техничкиот универзитет, Берлин, Германија и бројни еминентни експерти во сферата на здравството од Шведска, Германија, Соединетите американски држави и реномирани експерти од регионот.

Овој стручен собир е најголем од овој вид во Југо-источна Европа во однос на претставување на преземените реформи во здравствените системи во Европа.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.