Здравата храна е најдобра превенција од сите заболувања

Кардиологот Сашко Кедев во своето гостување во дневникот на МРТ,истакна дека дисциплината е најважен аспект во однос на превенцијата од кое било заболување. А, превенцијата, се состои од здрава исхрана и соодветна физичка активност.

-Тајната на здравата исхрана е во едноставноста на здравата исхрана со соодветни здрави производи. Треба да внесуваме свежи производи на овошје и зеленчук во оптимални количини и сето тоа да биде пропратено со соодветна и регуларна физичка активност. Под регуларна се разбира да не биде “од идниот понеделник“ или „од први следниот месец“ ќе се почне со здрава исхрана. Не постојат диети, не постојат соодветни режими на физичка активност, тајната е во континуитетот, редовноста и дисциплината, истакна Кедев за МРТ.

На македонската земја растат свеж зеленчук и овошје, а тоа за Кедев се најдобрите македонски производи кои сите треба да ги користиме.

-Сметам дека постарите генерации подобро се хранеле. За жал, помладите генерации понесоодветно се хранат за што сведочи се позагрижувачкиот пораст на дебели дечиња, на зголемен процент на дијабетичари, а тоа е многу поврзано со несоодветната исхрана  и несоодветната физичка активност, истакна Кедев.

Кардиологот вели дека срцето на човекот пати од комбинацијата на лоша храна и немањето физичка активност, како и од стресот.

-Здравата исхрана е најефикасниот начин не само на превенција туку и на навремен третман на многу состојби во медицината. Несоодветната исхрана и недоволната физичка активност се едни од најголемите ризични фактори и за малигни заболувања. Овие мерки кои се предмет на владината кампања, за која сметам дека претставува еден од најважните проекти со кој се соочуваме во нашиот ресор, се надевам дека нема да се заборави, туку ќе има континуитет, заклучи Кедев во дневникот на МРТ.