Здравков: Бочварски загубен во безидејноста прибегнува кон фалисификат и плагијат

Кандидатот за градоначалник на Штип од владејачката СДСМ, Благој Бочварски се загубил во лавиринтот на безидејноста и премина на страната на фалсификатот и плагијатот, обвини во саботаа на прес-конференција Љубен Здравков од ВМРО-ДПМНЕ.

„Да, дами и господа, се загуби во лавиринтот на безидејноста и премина на страната на фалсификатот и плагијатот. Имено, деновиве по електронските медиуми кружат негови спотови со проекти кои веќе се реализирани од страна на градоначалникот прим. Магистар Илчо Захариев или се во фаза на завршна реализација. Но, граѓаните го знаат тоа. Тие не се ниту налудничави, ниту блесави, туку паметни и знаат да ги препознаат делата“, рече Здравков.

Кажа дека кандидатот на СДСМ во Штип секојдневно и јавно покажува дека е неспособен самостојно да го издржи товарот кој му го стави партијата, па затоа цела Влада деновиве е преселена во Штип, а врв на неговата неспособност е денешната посета на „таканаренаречниот Премиер, кој за рака ќе го шета како мало дете низ населбите“ во Штип.

„Зарем овие работи не зборуваат доволно дека Кандидатот на СДС е уште мал сам да си ја заврши работата, зарем ова не е доказ дека младиот Бочварски не може сам да се соочи со граѓаните во нашиот град и затоа со себе го води својот ментор? Затоа предлагаме, „ученикот“ Бочварски, да го фати за рака т.нар. Премиер и заедно да се прошетаат по преубавиот кеј на река Отиња, да ја посетат Зоолошката во Бриони и на крај да влезат во преубавиот Мерцедес на Владата, за „ученикот“ да се повози до Скопје, за таму да му кажат дека уште е мал за да биде градоначалник“, рече Здравков.

Ги повика граѓаните да го дадат својот глас за работа, за дела, да го заокружат бројот 13 за Илчо Захариев, за Штип, за Република Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.