Македонија

Здравствените тимови се повлекуваат од поплавените подрачја – епидемиолошката состојба е стабилна

Здравствените тимови се повлекуваат од поплавените подрачја –  епидемиолошката состојба е стабилна
По механизацијата, од поплавените подрачја се повлекуваат и здравствените тимови. Од Инфективната клиника велат дека епидемиолошката слика е стабилна, но, предупредуваат дека ризикот за заразни болести се уште не поминал. Во наредните три месеци ќе има засилен надзор за да се сведе на минимум можноста од појава на епидемија, објави МРТ.

-Епидемиолошката слика е стабилна – имало цревни и респираторни заболувања, вели директорот на Инфективната клиника, Ѕвонко Миленковиќ.

Сепак, предупредува дека ризикот за заразни болести не поминал. По инкубацискиот период, можно е да се појават во четвртата недела.

-Ризикот од појава на заразни болести не е завршен. Нашето присуство таму беше да се минимизира првиот бран. Од бројот на лица кои побараа консултација и на Клиниката, покрај во пунктот кој интензивно работеше во Стајковци, десетина беа хоспитализирани. Очекуваме некаде до четвртата недела, тоа е вториот бран, да се појават инфективни последици“, изјави д-р Ѕвонко Миленковиќ.

Здравствените тимови денеска заминуваат од поплавените подрачја. Утре е последното прскање против комарци. Домовите и училиштата се дезинфицирани.

-Континуирано работевме со 32 до 38 екипи, во зависност од потребите. Направена и ларвицидна дезинсекција и тоа на езерата што се околу поплавените подрачја, како и по каналите, вели Зоран Чанавски.

Здравствените работници велат дека во наредните два до три месеци ќе има засилен надзор за да се сведе на минимум можноста од епидемија.

Жителите ги обвновуваат живеалиштата.

-Доаѓаа луѓе, ни помогнаа многу, исчистивме се, направена е дезинфекција, па сега привршуваме, ја добивме и помошта од 500 евра, вели еден жител на Стајковци.

-Состојбата е подобра сега, има голема разлика, додава друг.

Продолжува пријавувањето на штетите и исплатата на авансната помош.