Здравството ќе се модернизира со најсовремена дијагностичка опрема вредна шест милиони евра

Најсовремена дијагностичка опрема во вредност од 386 милиони денари, односно шест милиони евра, ќе добијат јавните здравствени установи, најави денеска министерот за здравство, Никола Тодоров.

„Денеска објавуваме постапка за технички дијалог за набавка на нов акцелератор за Клиниката за радиотерапија и онкологија и на нов ангиографски систем за Градската општа болница „8 Септември“. Проценетата вредност за двата апарата изнесува 160 милиони денари“, рече Тодоров.

Денеска, како што рече тој, започнува оваа постапка за технички дијалог на овие два апарати, и ги повика сите економски оператори во следните пет дена да учествуваат во изработка на тендерската документација.

Распишан е и тендер за набавка на нова медицинска опрема вреден 220 милиони евра, во кој што се вклучени неколку апарати меѓу кои има мамограф и дигитален рентген апарат.

„Клиничката болница-Тетово првпат ќе добие дигитален мамографски систем, со што ќе се унапреди скринингот за рак на дојка за овој регион од државата, со рок на испорака пет месеци од денот на склучување на договорот…За неколку месеци нов дигитален рендген апарат ќе добие и специјалната болница „Св. Еразмо“ од Охрид, каде во моментов има аналоген и еден 40 години стар рендген апарат. Со новиот апарат ќе се добие многу почиста слика, а бенефит ќе имаат 50.000 пациенти кои амбулантски се прегледуваат и 4.300 кои се лекуваат болнички (над 90 отсто од нив имаат потреба за овој вид снимање). Дневно се прават од 150 до 200 рендген снимања. Рокот на испорака на апаратот е&нбсп;четири месеци, од денот на склучучување на договорот“, рече Тодоров.