Здружение 5 до 12: Не можеме да оправдаме над децата со посебни потреби да се ставаат странци

Само ветувања изразени со зборови на состаноци, а конкретни резултати – нема. Новата Влада и министерството за труд и социјална политика се глуви за барањата на Граѓанската иницијатива „5 до 12“ кои протестираа и кампуваа пред Собранието, кои од четвртокот рано утрината повторно започнаа со поставување на шатори во Жена парк.

И додека лицата со посебни потреби бараат спас, за новата влада на Зоран Заев и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, приоритет се мигрантите.

Од граѓанската иницијатива „5 до 12“ за порталот Курир.мк категорично велат дека не го оправдуваат приоритетот на новата Влада и Министерството за труд и социјална политика за носење Стратегија за бегалци.

„Ние не можеме да оправдаме приоритет над нашите деца, нашата борба е за децата со посебни потреби како една од најранливите категории во оваа држава и не можеме да оправдаме приоритет да бидат странци пред нас. Како луѓе, како христијани, оправдуваме помош од секого, ама не можам да оправдам над децата со посебни потреби да бидат странци. Секаде во светот е така, прво се дава предност на ранливите категории во сопствената земја, а потоа се помага ако се има можности на други“, изјави Зоран Мијалков од Граѓанската иницијатива „5 до 12“ за Курир.мк.

Пред еден месец, од „5 до 12“ остварија и средба со ресорната министерка Мила Царовска, но ништо од нејзините ветувања до сега не е реализирано.

„Ние во ветувања не веруваме, ние си имаме наши барања, 47 здруженија сме и македонски и албански и ромски заедно. Ние ги дадовме нашите барања и чекаме на дело, на зборови веќе не веруваме. И кажавме, ништо за нас без нас. Не може некој што го нема нашиот проблем да одлучува за нашиот проблем, тоа треба да се реши заедно со нас… Ние кажавме, на секоја влада нели се даваат 100 дена за да се види дали ќе се направи некој план или стратегија за проблемот, ние сме многу голема категорија над 100 илјади деца и возрасни лица со посебни потреби. Сега за сега нема ништо“, вели Мијалков за Курир.мк и додава дека ним е обврска да ги решава овие прашања и тоа не значи дека некој треба да зема политички поени од тоа.