Здружението „Блаже Коневски“ до Заев: Историјата на македонскиот народ е ткаена и градена далеку пред вашите бугарски пријатели да прават шеги со него

Здружението „Блаже Конески“ денеска повторно протестираа пред Министерството за надворешни работи против потпишувањето на договорот за добрососедство со Бугарија. Тие со многу транспаренти повторно го искажаа својот револт. Денес истурија и боја пред министерството, Љубомир Симковски од здружението кажа дека „Шарената револуција“ го донела Заев на власт, но дека и шаренилото ќе го тргне од власт.

„Господине Заев македонскиот народ живее во Бугарија многу векови пред вашите пријатели да ве донесат на власт. Во Бугарија нема Македонци само како туристи. Донесовме и ви даваме зелена, црвена и бела боја, за да го офарбате своето лице пред вашите вистински чувства“, рече Симковски.

Кажа и дека македонскиот народ постоел многу пред да има свој Устав.

„Господине Заев, македонскиот народ постоел многу време пред да има свој устав. Македонската историја е ткаена и градена во македонскиот народ, далеку пред вашите пријатели Борисов и Захариева да прават шеги со него“, изјави Симковски.

Од здружението уште пред повеќе од една недела посочија дека тие се за соработка меѓу Македонија и Бугарија, но преку трговски и економски договори, а не преку договори со кои два различни народи би имале една, заедничка историја.

„За да имаме добри односи со соседите не ни е потребен договор. За тоа е потребна само добра волја, разбирање и меѓусебно почитување и уважување. Кога станува збор меѓу две држави, тогаш работата е многу чувствителна и комплексна. Државите меѓу себе обично потпишуваат трговски договори, а не договори за добрососедски односи. Кога пак, владите на двете држави решиле да потпишат таков договор тогаш во духот на транспарентноста потребно е со содржината на договорот да ги запознаат своите граѓани, а не тоа да го чуваат во тајност и да одлучуваат за историјата на два различни народи“, истакна Љубомир Симковски тогаш.