Здружението на прволигаши се закани со тужби за претседателот на КФМ

Здружението на кошаркарски прволигаши преку соопштение се закани со тужби за претседателот на КФМ доколку не бидат регистрирани странските кошаркари со кои клубовите ги завршиле преговорите или оние со кои преговорите се во завршна фаза.

Интегрален текст од соопштението на ЗПМ

Додека сите квалификанти за Европското првенство 2015 ги обелоденија своите листи со кошаркари и се активни на тренинзите, кај нас , играчите тренинзите ги заменија со прес конференции и соопштенија, наместо желбата и честа да се облече националниот дрес.

Македонската кошаркарска федерацјиа за да го смири целиот циркус  на кој е сведок целокупната спортска јавност, само го продлабочува проблемот со соопштенија  и одлуки, кој не се според статутот и правилниците на Федерацијата.

Воведувањето на мораториум за регистрирање и лиценцирање на странски играчи е само моментално сузбивање на постоечкиот проблем, а отварање на друг уште поголем. При ваква одлука, стопирана е нормалната работа на сите прволигашки екипи кои веќе се во преговори со своите нови странски засилувања за наредната сезона. Да не се заборава фактот дека правилото за регистрација на шест странци е донесено со двотретинско мнозинство на членови на собранието и како такво е правосилно од моментот на донесување, додека мораториумот ги прекршува сите акти на работењето на федерацијата и не се почитувани општите одредби по кои федерацијата треба да ра боти.

Клубовите од денес почнуваат со регистрирање и лиценцирање на странски играчи со кои преговорите се во завршна фаза. Доколку истите и покрај целосната  документација за нивно регистрирање не се регистрираат во законски предвидениот рок, здружението на прволигаши ќе покрене порадикални мерки:

1. Приватна кривична пријава против претседателот на Кошаркарската Федерација на Македонија за злоупотреба на службената позиција.

2. Приватна тужба до претседателот Кошаркарската Федерација на Македонија за надоместок на штета во висина на договорот кој би пропаднал со странскиот кошаркар.

3. Промена на претседателот на Кошаркарската Федерација на Македонија по завршувањето на квалификацискиот циклус за Европското Првенство 2015.