Зехофер незадоволен од предлозите на Меркел за имигрантите, ќе ѝ се обрати на јавноста

Германскиот министер за надворешни работи Хорс Зехофер, кој со судри со канцеларката Ангела Меркел поради нејзината политика на отворени граници за барателите на азил, изјави во неделата дека не е задоволен од нејзините предлози за ова прашање, соопштија извори од неговото опкружување, додека за вечерва е најавено негово обраќање до јавноста

На средбата на Христијанско-социјалната унија (CSU) во Минхен, поранешниот баварски премиер и челник на оваа партија, Хорст Зехофер, оценил дека мерките за коишто се дискутираше во четвртокот и петокот на самитот на Европската унија во Брисел за намалување на миграциите, не биле доволни, додека за разговорот за помирување со канцеларката Ангела Меркел, челничка на деценискиот коалициски партнер на сојузно ниво Христијанско-демократската унија (CDU) во саботата вечерта рекол дека „немал ефект“, според извори од партијата на баварските конзервативци, пренесува AFP.

Истите извори потврдиле дека Зехофер во неделата вечерта има намера да ѝ се обрати на германската јавност.

Според многу германски аналитичари, политичката судбина на Ангела Меркел се наоѓа во рацете на баварските демохристијани чиешто водство во неделата одлучува дали ќе ги прифати договорите за барателите на азил коишто германската канцеларка ги донесе од Брисел.

Девет месеци по изборите на коишто дел од гласовите на германските конзервативци се прелеаја кај крајната десница, ослабената Меркел беше принудена да им се обрати на соседните земји членски на Европската унија за да го реши судирот со своите партиски сојузници, но и во редовите на самата нејзина CDU, кои се противеа на нејзината мигрантска политика.

Европските челници на самитот во Брисел оваа седмица објавија дека договориле поделба на имигрантите на доброволна основа и создавање на „контролни центри“ во и надвор од ЕУ во коишто ќе се обработуваат поднесените барања за азил за западните земји членки.

Меркел одвоено најави договори со 14 држави од ЕУ за враќање на некои од барателите на азил, но веднаш по овој извештај, премиерите на Унгарија, Чешка и Полска демантираа дека нивните земји се на оваа листа земји којашто беше објавена во Германија. Меркел во договорот предложила отворање центри за прифаќање каде што другите имигранти и требало да имаат забрзана постапка на обработување на барањата за азил, што се смета за заострување на отворената имигрантска политика којашто ја престави во 2015 година.

Иако повеќето аналитичари очекуваат дека Меркел ќе го преживее судирот со CSU, малку е веројатно дека тоа ќе биде последен пат оваа сестринска партија да се дистанцира од канцеларката којашто ја смета за прецентристичка за своите гласачи, како што впрочем и младината на CDU којашто во текот на долгиот преговарачки процес за формирање на владината коалиција со социјалдемократите побара Меркел да се повлече од позициите во партијата и во владата на половината од мандатот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.