Зек Лавин, Стеф Кари и Патрик Беверли доминираа во „атрактивниот“ дел од Ол Стар спектаклот во Њујорк

Зек Лавин е победник на натпреварот во забивање кој се одржа утринава во рамките на „Ол Стар“ викендот.

Младиот 19-годишен бек од Минесота изведе неколку спектакуларни забивања со кои успеа да ја победи конкуренцијата составена од Мејсон Пламли (Бруклин), Јанис Антетокумпо (Милвоки) и Виктор Оладипо (Орландо).

Натпреварот во шутирање тројки помина во знакот на Стеф Кари, одличниот шутер од Голден Стејт, кој успеа да победи иако сите негови противници се неверојатни шутери од далечина.

Во последната рунда успеа да погоди 13 шута со кои освои 27 поени, со што зад себе ги остави соиграчот од „Вориорс“, Клеј Томпсон и Кајри Ирвинг од Кливленд.

Патрик Беверли од Хјустон Рокетс, пак, се закити со титулата „највешт кошаркар во НБА лигата“, кој во полуфиналната рунда во натпреварот во демонстрација на кошаркарски вештини го елиминираше Џеф Тиг од Атланта, а во финалето беше подобар и од Брендон Најт од Милвоки.

Вечерва ќе биде одржан и главниот спектакл на „Ол Стар“ викендот, натпреварот помеѓу најдобрите кошаркари од Источната и Западната конференција.