„Зелена алтернатива“ за мај најавува обуки и семинар за канабис 

Здружението „Зелена алтернатива“ за 20 мај го најавува петтиот семинар со врвни научници и доктори, кои ќе имаат свои предавања поврзани со истражувања, теории, искуства и третман со канабис за разни здравствени состојби.

На истиот ќе бидат присутни и македонски лекари, кои ќе ги кажат своите искуства и дилеми во препишувањето на канабисот во последниве две години. На семинарот ќе присуствуваат и пациенти кои ќе ги споделат своите искуства, соопштува „Зелена алтернатива“.

Досега е потврден истражувачот и доктор Пол Хорнби од Канада, потоа еден од најистакнатите светски експерти за ендоканабиноидниот систем, чешкиот доктор Лумир Хануш, а од Ветеринарен факултет треба да има предавање за искуства во користење канабис кај миленичиња. Листата на останатите учесници ќе биде дополнително објавена.

Исто така, „Зелена алтернатива“ за месец мај предвидува и предавања.

Бидејки увидовме дека само со направените видеа, дел од лицата на кои им е потребна помош, не можат целосно да се снајдат и сами да си помогнат и со цел на продолжување на континуираната едукација за канабисот, „Зелена Алтернатива“ во соработка со Public Room и Organic Growshop MK во текот на месец мај организира предавања за канабисот, од семе и садење, до сув цвет готов за употреба и изработка на екстракти од канабис, соопштија од Здружението.

Во овие предавања, велат тие, ќе ги поминат сите основни и важни аспекти, а секој кој ќе ги следи предавањата, во иднина ќе може самиот да одгледува канабис и да изработува екстракти за лична употреба.