Македонија

Зелената градба ќе ги намали трошоците за живот

Зелената градба ќе ги намали трошоците за живот

Македонскиот совет за зелена градба со поддршка на Сојузот на стопански комори на Македонија, започнува со зеленото делување, создавање нови трендови во градежништвото, како и  подигње на  јавната свест на национално ниво за промовирање на праксата и технологијата на зелена градба.

„Одржливост на градбата, енергетска ефикасност и заштита на животната средина, ќе генерира одржлив раст во градежниот сектор, креирање работни места, зголемување на енергетската сигурност како и намалување на сиромаштијата, бидејќи увозот на нафта и гас во Европа чини стотици милијарди евра секоја година. Исто така ќе се подобрува испораката на јавните услуги, а финансиските придобивки од зелена градба ја зголемуваат можноста за продажба и закуп, помагаат да се намалат капиталните расходи како и намалување на ризикот од прописите кои бараат скапи модификации на објекти. Го предводиме преодот на пазарот со недвижности кон одржливост и заштита на животната средина и преку тоа кон подобар живот за сите луѓе во Република Македонија“, изјави Сеад Кочан, претседател на Македонскиот совет за зелена градба и заменик претседател на ССК.

Претседателот на ССК, Данела Арсовска, истакна дека зелената градба, позната како одржлива градба, се однесува на структура и употреба на процес кој е еколошки одговорен и енергетски ефикасен во текот на целиот животниот циклус на една зграда, од дизајн, изградба, работење, одржување, реновирање како и уривање.

„Трошоците при зелена градба се само од 1 до 5 % повисоки и корисникот на станбениот или деловниот простор преку заштедите кои ќе ги оствари ги враќа овие средства во првата година, бидејќи заштедата на електрична енергија е околу 30%, додека на вода околу 40% на годишно ниво. Концептот на зелена градба е од огромно значење не само за градежниот сектор туку и за секој граѓанин на Република Македонија, бидејќи значително го подобрува квалитетот на живот, влијае врз подобрување на сигурноста и здравјето на човекот како и на животната средина“, изјави Арсовска.

На првата конференција за зелена градба во Република Македонија, се обратија и Миле Јанакиески, министер за транспорт и врски и Стево Темелковски, заменик министер за животна средина и просторно планирање, и го поддржаа концептот за зелена градба во нашата земја.