Зелениково и Дојран ќе се уредуваат со голф терени

Ќе се бараат инвеститори за изградба на голф терени. Владата  овој месец ќе објави повик за  спортско – рекреативен центар во општина Зелениково, а до крајот на годината и во Дојран, пренесува Сител.

Веќе се отпочнати постапките за урбанизација и отуѓување на градежното земјиште во овие општини, вели владиниот портпарол Горѓиев.

„Целта е да се обезбеди интерес од потенцијалните инвеститори за инвестиции во оваа област за што специјално е задолжена Агенцијата за странски инвреститори  и сите економски промотори. Тие треба да лобираат кај странските инвеститори, затоа што тие имаат искуство, знаење и потенцијал да реализираат ваква инвестиција. Со евентуалната реализација на овие проекти би се создале дополнителни содржини за развој на туризмот, што ќе придонесе за поголема посета на Република Македонија од странски туристи и зголемен девизен прилив“, изјави владиниот портапол Александар Горѓиев.

Од  досегашните  истражувања,  во  однос на географската  локација и климата, се утврдило  дека токму Зелениково  и  Дојран имаат идеални услови за голф игралишта.  Во Зелениково теренот  би се простирал на  површина од  65 хектари, а во Дојран на околу 60 хектари.

Заинтересираните би добиле и можност за изградба на хотелски комплекс.

Со реализацијата на проектот,  регионот би добил висококвалитетен рекреативен центар, кој се очекува да привлече повеќе туристи.