Железничката во Скопје со нов лик за три-четири месеци

Обновата на Железничката станица во Скопје, која треба да добие комплетно нов и модерен изглед според надлежните инситуции ќе биде готова за три до четири месеци.

Проектот  за реконструкцијата на објектот изграден пред 35 години е во вредност од 2,4 милиони евра, од кои 85 проценти се обезбедени преку ИПА, а 15 проценти од Буџетот на РМ.

– Ефективно се работи на објектот, постојано има дополнителни работници и очекувам дека за три-четири месеци  комплетно ќе биде рехабилитирана Железничката станица, изјави министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски при денешниот увид на градежните работи.

Според директорот на МЖ Инфраструктура Ирфан Асани, голем дел од работите се во завршна фаза. Пероните се веќе подигнати и со стандардите за набавените нови патнички возови кои треба да пристигнат, лифтовите кои се важни за лицата со посебни потреби, како и чекалните ќе добијат нови системи за климатизација.

– Два перона се целосно направени, се работи на третиот перон, лифтовите  се 90  проценти завршени, Дел од санитарните јазли, на северната страна,  се 100 проценти завршени, а во другите делови 90 проценти. Се работи и на електричните и климатизациските инсталации кои се завршени околу 80 проценти. Има ново варосување, а потоа и целосно чистење, изјави Асани.

Министерот Мисајловски истакна дека покрај на главната станица во Скопје, почнат е и проектот за  обнова на 10 вакви објекти лоцирани долж паневропскиот Коридор 10 и кракот 10Д. Целосно ќе бидат реконструирани железничките станици Прилеп, Велес, Битола, Богомила, Гевгелија, Чашка, Табановце, Демир Капија, Градско и Неготино – Вардар.

– За дел од нив од денеска завршува правосилноста на одобрението за градење и веднаш почнуваме да ги реконструираме, а за дел завршуваат на 27 овој месец и сукцесивно почнуваме да ги работиме сите железнички станици на Коридорот 10. Се работи за проект исто така со ИПА средства и  очекувам дека наредната година ќе имаме нов лик на железничките станици  на Коридорот 10, изјави Мисајловски.

misajlovskik

Владата, потсети, спроведува и проекти за набавка на нови патнички возови и товарни вагони.

– Исто така работиме и на зајакнување на пругите, Куманово – Бељаковце, работиме на нови пруги, започнавме и со Битола – Кременица, односно пробуваме Македонија да добие нова слика односно реконструкција на цела железничка инфраструктура, а со тоа и да ги подобриме условите за граѓаните во железничкиот превоз, изјави министерот за транспорт Мисајловски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.