Земан: Хашим Тачи е воен злостроник

Чешкиот претседател Милош Земан во интервју за белградскиот весник „Новости“ истакна дека тој лично не ја признава независноста на Косово и затоа не испраќа амбасадор во Приштина, пренесува Танјуг.

На потсетувањето на весникот дека е познат неговиот став дека на Косово владее мафијашки режим што се финансира од трговијата со наркотици, Земан дополни дека „многу пати има јавно кажано дека Хашим Тачи е воен злостроник“.

На прашањето дали мисли дека ЕУ води принципиелна политика кон Србија, Земан за празничниот број на „Новости“ вели: „Се зависи од тоа што ќе се договорат Србија и Косово. По мое мислење, секое мешање од било која страна може да биде контрапродуктивно, да биде грешка“.

Земан не мисли дека неопходен услов за приемот на Србија во  ЕУ е признавањето на независноста на Косово.

-Пет членки на ЕУ: Словачка, Шпанија , Грција, Романија и Кипар, не го признаваат Косово, изјави тој.

Земан мисли дека Србија може да стане полноправна членка на ЕУ во наредните неколку години.

-Искрено се надевам, додаде тој.

Чешкиот претседател смета дека косовскиот преседан ја отвори Пандорината кутија и го почна опасниот процес на прекројување на границите и менување на територијалниот интегритет ширум светот.

За него, санкциите кон Русија не се добро решение и и им забележува на западните сили на интервенционистичката политика за извоз на човекови права и за манирот демократијата на другите да им ја донесува со бајонети.

-Србите не поддржале во 1934 и 1944 година, и потоа после советската агресија врз нашата земја. Ние сме ваши должници и мораме да го вратиме нашиот долг. А пријателството е едно од најдобрите начини за тоа, рече Земан.