Земан нуди награда од 3.700 евра за наоѓање на новинарски текст

Чешкиот претседател Милош Земан нуди 100.000 круни (3.700 евра) од сопствени средства за оној кој ќе го најде контроверзниот текст „Хитлер е господин“ кој наводно бил напишан од истакнатиот чешки новинар Фердинанд Пероутка, јави дописникот на МИА од Прага.

Каузата со написот на Пероутка, Земан ја отвори во јануари на Конференцијата за холокаустот која се одржуваше во чешкиот главен град, тврдејќи дека новинарот во престижниот весник „Притомност“ објавил текст со наслов „Хитлер е господин“. Наводно новинарот напишал „Ако не можеме да пееме со ангелите, мораме да завиваме со волците“, тврдеше Земан во својот говор.

Тоа предизвика негодување од многубројни експерти и познавачи на тематиката кои тврдат дека Пероутка никогаш не напишал таква статија и тие го повикаа Земан да докаже дека тврдењето е вистинито или јавно да се извини.

Внуката на новинарот поднесе тужба против Земан за неговите обвинувања.

Земан уште пролетта јавно изјави дека текстот го читал и дека неговата Канцеларија ќе го најде и ќе го објави, но тоа не се случи се до денеска кога ја објави понудата за оној кој ќе го најде текстот.

Фердинанд Пероутка е истакнат чешки политички новинар на 20.век. За време на Втората светска војна во 1939-1945 година бил затворен во концентрационен логор, а по 1948 година поради неодобрување на комунистичкиот режим живеел во егзил во Велика Британија и САД ,каде работел како главен уредник на редакцијата на Слободна Европа на чехословачки јазик.