Земан: Русија е потенцијален партнер во борбата против тероризмот

Рускиот претседател Владимир Путин би можел да биде клучен сојузник во борбата против исламските екстремисти и Исламската држава е поголема закана од Русија, изјави чешкиот претседател Милош Земан во интервју за „Вол стрит џурнал”.

Според Земан, Русија може да стане стратешки партнер во борбата против меѓународниот тероризам, пренесе дописникот на МИА од Прага.

Во американскиот весник се додава дека претседателот на Чешка се спротивставува на санкциите кои заради украинската криза против Русија го воведе Западот. За него тие се контрапродуктивни, бидејќи тие само ја зајакнаа популарноста на Путин во руското општество.

– Нам ни треба Русија како партнер, а не како непријател, рече Земан, додавајќи дека доколу ситуацијата во источниот дел на Украина се смирува, би било разумно санкциите против Русија барем да се ублажат.

– Но, јас сум за зголемување на санкциите ако ситуацијата во Украина се влошува, вели Земан, за кој весникот потсетува дека ќе отпатува во Москва на свеченоста по повод 70.годишнината од крајот на Втората светска војна, но поради притисокот на домашните политичари и американскиот амбасадор во Чешка Ендрју Шапиро нема да присуствува на воената парада.

Земан оцени дека Русија за разлика од Крим нема да ја припојува источна Украина бидејќи тоа би било ,,политичко самоубиство” за Путин поради тоа што Русија би добила само уште ,,неколку милиони гладни усти”.

Според Земан, Русија нема да биде во можност да ја поттикне економијата без контакт со Западот.

– Европската унија е зависна од руските ресурси, а Русија до одреден степен на модерната западна технологија и двете страни би требало да соработуваат во борбата против исламските држави во ,,меѓународно координирана акција со цел систематско уништување на камповите за обука на исламските радикали”, вели Земан за ,,Вол стрит џурнал”.