Земјоделците најавуваат протест ако не се исплатат субвенции

Македонските земјоделци, кои се незадоволни што немаат пари за пролетната сеидба најавуваат дека ќе ги радикализираат нивните чекори доколку до крајот на неделата не се најде решение. Тие бараат да им бидат исплатени субвенциите.

 Со намера да ја натераат владата да им ги исплати парите, земјоделците велат дека со својата механизација ќе дојдат пред Собранието, Владата и на други улици во Скопје.

Ставот на Здруженијата на земјоделци произлезе по средбата со министерот за земјоделство Михаил Цветков, на која им било кажано дека се прават максимални напори за исплата на парите и оти проблемот е поради законската регулатива. Љупчо Аризанков од Здружението на лозарите „Агротиквешија“ вели дека ако одговорот е негативен, оти нема начин и услови за исплата, во понеделник сите здруженија ќе ги договорат следните чекори кои може да бидат и радикални.