Земјотрес со магнитуда од 7,2 степени ги погоди Филипини

Земјотрес со магнитуда од 7,2 степени по Рихтеровата скала ги погоди во саботата Филипини, при што се повредени две лица и оштетени неколку згради.

Филипинскиот Институт за вулканологија и сеизмологија соопшти дека земјотресот се случил во петок навечер, на 53 километри од островот Минданао, на длабочина од 41 километар.

Американски сеизмолози предупредуваат на можен цунами во регионот на Минданао и во Индонезија.

По земјотресот, илјадници жители излегоа на улиците, а во најновиот потрес оштетена е зградата на една болница, две владини згради, пристаништето и предизвика уривање на најмалку една зграда.

Последниот смртоносен земјотрес кој ги погоди Филипини беше со магнитуда од 7,1 степени по Рихтеровата скала кој ги погоди централните острови на архипелагот кога животите ги загубија над 220 луѓе, а беа уништени најстарите цркви и древни светилишта. Во јули 1990 година, земјотресот со магнитуда 7,8 го погоди северниот дел од Филипини при што загинаа повеќе од 1.600 луѓе.

Двата најголеми светски архипелага Индонезија и Филипини, се дел од таканаречниот Пацифички огнен прстен, плоча која е формирана на дното од Индискиот и западниот дел од Тихиот Океан, која на ова место навлегува под Азиската плоча.

Како резултат на движењето на овие две плочи на териториите на овие две земји се чести земјотресите и вулканските ерупции. Со тоа овој регион е една од сеизмички најактивните зони на планетата.

Во овој дел од светот се наоѓаат најактивните тектонски плочи, од кое едната се движи со брзина од седум сантиметри годишно. Годишно сеизмолозите регистрираат меѓу шест и седум илјади потреси со магнитуда над 4,0./крај/мф/сн

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.