Жената и тепаните деца згрижени во Центар за жртви на семејно насилство

Министерството за труд и социјална политика е запознаено и постапува по случајот во кој двегодишно дете со телесни повреди на 9 август е примено на детска хирургија, откако бил претепан од својот татко.

Веднаш по пријавувањето на случајот дека таткото, односно сопругот, извршил семејно насилство врз децата и нивната мајка односно сопруга, специјализираниот стручен тим од Центарот за социјални работи на Град Скопје излезе на терен. На таткото му е одредена мерка притвор во траење од 8 дена, а  здравствената состојба на двегодишното дете е добра и денеска ќе биде пуштено дома. Останатите 3 деца кои вчера беа интервентно сместени во згрижувачко семејство ќе се вратат кај мајката и сите заедно ќе бидат згрижени во Центарот за лица жртви на семејно насилство. Воедно, Центарот ќе иницира постапка за изрекување мерки за времена заштита од семејно насилство, велат од МТСП.

Според министерството, семејството е познато на Центарот и по претходни пријави за семејно насилство.

Од средината на март до почетокот на април годинава, мајката и четирите деца биле згрижени во Центарот за лица жртви на семејно насилство. Центарот го напуштиле по писмена изјава на мајката дека сака да се врати во домот на сопругот со своите деца, бидејќи ги надминале недоразбирањата и состојбата во домот е смирена.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.