Жените во улога на мајки се значаен фактор за безбедноста на децата во сообраќајот

Жените во улога на мајки претставуваат значаен фактор за безбедноста на децата во сообраќајот, вели Росана Јанков – портпарол на АМСМ.

По повод денот на жената, „8-ми март“, АМСМ и Републичкиот Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), организираат  сообраќајно-едукативна трибина, под мотото „Жената како фактор за поголема безбедност во сообраќајот“.

Од кога и каде идејата за трибина посветена на жените?

АМСМ традиционално веќе неколку години по ред, во знак на одбележување на Меѓународниот ден на жената, 8-ми март, организира трибини посветени на припадничките на понежниот пол, со кои ги едуцира на различни теми, поврзани со безбедноста во сообраќајот. Идејата потекнува оттаму што, искрено веруваме дека вистинскиот начин на одбележување на месецот на жената е токму преку вакви трибини, со кои ќе се потенцира улогата и важноста на современата жена во општественото делување. Нели е тоа и поентата на празнувањето на Меѓународниот ден на жената?!

На наше огромно задоволство, оваа година, организираме сообраќајно-едукативна трибина заедно со РСБСП, со што и самата трибина добива на тежина, добива сосема поинакво значење и  е од поголеми размери. Се надеваме дека како поминува времето, оваа трибина ќе добива сѐ повеќе поддржувачи.

АМСМ оваа година ќе има свое претставување со апостроф на безбедноста на децата во сообраќајот – детските седишта во автомобил….зошто токму оваа тема?

АМСМ, како единствена членка на Светската автомобилистичка федерација (ФИА) од Република Македонија, континуирано, во соработка со сите владини и невладини институции во државата, реализира проекти и кампањи насочени кон различни групи учесници во сообраќајот. За илустрација, проектот „Со велосипед на пат низ целиот град”, кој минатата година го реализиравме, а кој беше насочен кон поголема безбедност на велосипедистите во сообраќајот, ФИА го оцени како исклучително упешен.

Во контекст на стратегијата, со кампањите кои ги реализираме, сакаме да опфатиме различни целни групи. Оваа година го актуелизираме прашањето за детски седишта во автомобилот и безбедноста на децата во сообраќајот. Впрочем, истражувањата покажуваат дека детските седишта, во случај на сообраќајна незгода, ја намалуваат смртноста и повредите кај децата во 71% од случаите. Но, од друга страна, 75% од родителите, детските седишта во автомобил, погрешно ги поставуваат или погрешно ги користат. Да се поседува детско седиште во автомобил, не е исто што и да се обезбеди максимална сообраќајна безбедност на децата. Можете да го поседувате, но ако несоодветно го инсталирате или употребувате, детското седиште не може многу да го заштити вашето дете-ете тоа е основната порака која сакаме оваа година да им ја пренесеме на сите жени, кои во улога на мајки, навистина претставуваат значаен фактор за безбедноста на децата во сообраќајот.

Која е пораката на АМСМ за поголема безбедност во сообраќајот?

Секогаш појдете прво од себе, што вие лично можете да направите за поголема безбедност во сообраќајот? Бидете културни учесници во сообраќајот, возачи, пешаци, велосипедисти и мотоциклисти и почитувајте ги правилата и прописите! Само така, преку личен пример и придонес, можеме да ги направиме нашите патишта побезбедни за сите нас.