„ Жерновски направи детска градинка од Општина Центар “

Читател разочаран од последните постапки на Андреј Жерновски, испрати писмо до нашата редакција во кое вели дека градоначалникот од општина Центар направил „детска градинка“.

zernovskiiiiii

Писмото во продолжение Ви го пренесуваме интегрално 

Градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски вчера уште еднаш направи детска градинка од својата општина, организирајќи „дневен престој за возрасни“ на неговиот фејсбук профил. 

Тој на фејсбук објави неколку слики на објект со шарено обоена фасада, оставајќи коментар: „Ова е решението за изгледот на фасадата на новата градинка во Капиштец. Бидејќи до утре мора да ја потврдиме конечната верзија, Ве молам за искрени коментари и сугестии.“. Тогаш почна искрената сугестивна јавната забава во која најразлични луѓе започнаа да коментираат дали темно-беж одговара во комбинација со жолта, која црвена е вистинската црвена, дали треба да има прави линии или брановидни. Сето ова врз основ на неколку компјутерски слики (рендери) кои по квалитет не исполнуваат стандарди ни за студент во прв семестар на Архитектонскиот факултет, камо ли за некаква квази-јавна расправа чија цел очигледно е да се има алибито на слушање на гласот на јавноста при носењето одлуки.

Како вистинска либерал-демократска воспитувачка, градоначалникот Жерновски започна и да ги образува луѓето кои се затекнале на интернет во тој момент давајќи го своето стручно мислење на темата „фасада на детска градинка“, како на пример: „Треба да биде шарено, весело… но и да не претеруваме.“

Откривајќи ни ја својата логика дека за детска градинка е најважно да има шарени и „весели“ бои на фасадата (за инат на сите тажни бои во спектарот), градоначалникот за среќа не беше прашан со какви бои би молерисал гинеколошка клиника, дали таа треба да биде весела, траорна или индиферентна зависно од одделението.

Аматерските слики врз база на кои Жерновски одлучи да го црпи мислењето на јавноста се километри далеку од реалниот изглед на тие бои кога ќе се стават врз фасадата. Составот на фасадата е непознат, исто како и столаријата и сите други елементи кои формираат една фасада. Едноставно, сликите од кои народот бира бои за фасадата на градинката изгледаат како да ги цртал градоначалникот Жерновски кога посетувал градинка.

Нормално, на многуте возрасни не им пречеше воопшто на момент да се внесат во улогата на архитекти на детска градинка, додавајќи коментари кои се конструктивни како и желбата на градоначалникот да го вклучи гласачкото тело во изборот на фасада на градинката. Се јавуваа луѓе кои кажуваа нив кои бои им се допаѓаат за детска градинка иако имаат 57 години, како и луѓе кои пренесуваа мислење на своите внуци од типот „им ги покажав сликите на внуките, ги прашав дали им се убави боите, велат убави им се“.

Ваквото ниво на експертиза и носење одлуки може да има катастрофални последици во архитектурата и градежништвото, доколку по ист начин Жерновски ја вклучеше јавноста во носењето одлуки за тоа каков тип на темели и колкава дебелина на столбови треба да има градинката – тогаш веројатно ќе имаше луѓе на кои некои столбови ќе им беа премногу дебели, премногу четвртасти бидејќи децата може да си ја удрат главата на нив или – едноставно ќе им сметаа во просторот па ќе предложеа да бидат отстранети – паралелно фалејќи го градоначалникот за потегот со кој ја вклучил јавноста во процесот.

Она што е најважно во една детска градинка е функционалното решение, содржините кои ќе бидат опфатени, квалитетот на материјалите кои ќе се користат, организацијата на дворната површина. За разлика од тоа, градоначалникот одлучи да се промовира како човек кој го слуша својот народ преку поставување на молеро-фарбарска дилема: „убави ли се боите или имате поубави да предложите?“.

Оваа дилетантска симулација на јавна анкета после која „во рок од 24 часа“, како што најави Жерновски, ќе се изврши корекција во изборот на бои за градинката „Кочо Рацин“ асоцира на тоа дека проектантскиот тим одлучува за бојата на фасадата во последен момент, како и дека се подготвени да направат се што ќе им каже Градоначалникот „во рок од еден ден“. Кој пак за алиби ја има јавноста.

Единствени кои ќе излезат тажни од објектот на детската градинка се архитектите на кои повторно дипломата им е сведена на подметач во менза од детска градинка врз кој оние со моќ на одлучување ќе ја стават својата чорба. Подметач кој ќе ги прими сите трошки од лебот и капки од чорбата, пред да биде згужван и фрлен во ѓубре.

За дизајнот на објектите треба да се консултираат архитекти, а не слободните уметници на интернетот кои им фали повеќе зелена на фасадата.

А фасадата не може да биде позелена од таа која се бира на ваков начин, стои во писмото.