Жерновски, Пенов и Макрадули се меѓу политичарите кои Телекомот ги потплатувал?

Жерновски, Пенов и Макрадули се меѓу политичарите кои Телекомот ги потплатувал со два милиони евра, пишува денес „Република“.

Порталот нагласува дека документите за случајот Телеком, кои ги поседува судот во Њујорк, откриваат многу поширока мрежа на политичари од редовите на владејачката коалиција на СДСМ и ДУИ во 2004 година, но откриваат и дека помали партии како Либерал-демократската партија биле вклучени во обидите да се спречи ослободувањето на телекомуникацискиот пазар од монополот на Македонски Телекомуникации.

Еден од најшокантните документи содржани во материјалите доставени пред судот, навестува дека компанијата била подготвена да им плати до два милиони евра на пратениците од СДСМ, ДУИ и ЛДП, меѓу кои и денес актуелни политичари како градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, за да изгласаат законски измеени во интерес на унгарско-германските сопственици на Македонски Телекомуникации – Маѓар Телеком и Дојче Телеком, , пишува „Република“.

Порталот објавува низа документи, што покажуваат дека Македонски Телекомуникации се обиделе да обезбедат законска гаранција дека во Македонија нема да влезе нов, трет самостоен мобилен оператор кој би претставувал закана за неприкосновената позиција на МТ на пазарот.

Жерновски, Пенов и Макрадули се меѓу политичарите кои Телекомот ги потплатувал?
Жерновски, Пенов и Макрадули се меѓу политичарите кои Телекомот ги потплатувал?

„Што ќе се случува и кога: 17 јануари – средба со комитетот за информатичко општество на владејачката партија СДСМ во 18 часот. Причина – да се прифатат амандманите кои треба да бидат усвоени пред собраниската Комисија како предлози на СДСМ. Членови на комитетот се Јани Макрадули (претседавач и пратеник), Томе Тромбев (претседавач на собраниската Комисија за транспорт и врски), Гаврило Џиковски, Горан Цветковски, Горан Паунов, Коста Трпковски и други кои повремено учествуваат”, пишува во документ подготвен од страна на Македонски Телекомуникации.

Во продолжение се наведени имињата на членовите на собраниската Комисија, кои биле клучни за интересите на компанијата МТ да ја зачува својата монополска комисија. Меѓу нив се и имињата на Андреј Жерновски, Никола Ѓурчиев, неколку членови на ВМРО – Народна партија и на ДУИ. За да се изврши влијание врз пратениците кои би биле подготвени да ја поддржат верзијата на законот која била во интерес на монополот на МТ, во документот се препорачува да се одржат разговори на ниво на коалицијата СДСМ-ДУИ-ЛДП, при што Асан Јакупи е идентификуван како член на ДУИ кој може да влијае на пратениците од оваа партија, а тогашниот градоначалник на Скопје, Ристо Пенов, како функционер на ЛДП кој ќе се погрижи пратениците на оваа партија, меѓу кои и сегашниот градоначалник на општината Центар Андреј Жерновски, ќе гласаат во поддршка на продолжување на монополот.

Судот во Њујорк води втор процес за овој корупциски скандал. Во првиот веќе утврди дека Маѓар Телеком и Дојче Телеком, преку Македонски Телекомуникации, потплатувале македонски политичари од коалицијата СДСМ, ДУИ и ЛДП, за да го спречат влегувањето на нови телекомуникациски компании на македонскиот пазар.

Монополот предизвика назадување на развојот на информатичкото општество во Македонија со прескапи и недостапни интернет врски и прекумерно високи цени за мобилната и фиксната телефонија.

Инаку, оваа монополска позиција конечно беше разбиена од страна на ВМРО-ДПМНЕ со воведувањето на лиценцата за трет самостоен мобилен оператор во 2007 година, и со подоцнежната продажба на компанијата Космофон на словенечкиот Телеком.

Пишувањата во порталот „Република“ денес беа експресно демантирани од страна на градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски. Тој во допис до јавноста ги демантира пишувањата и најави кривична пријава.

Повеќе за ова и повеќе документи погледнете на „Република“.