Жестока собраниска дебата за Буџетот

Со Буџетот за следната година власта не нуди ниеден нов проект, нема доволно пари за почиста животна средина, а платите во администрацијата селективно ќе се зголемат, обвини ВМРО-ДПМНЕ на правиот ден од расправата за државната каса на матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет.

Расправата за Предлог- буџетот за 2018  година предвидено е да трае 10 дена. Народните избраници треба да разгледаат вкупно 239 амандмани. Државната каса за следната година е проектирана со рекордни расходи од 3,4 милијарди евра.

До матичната комисија за финансирање и буџет се пристигнати вкупно 279 амандмани. Најголемиот дел, 204 се од ВМРО-ДПМНЕ, а останатите 75 од БЕСА.

Расправата почна со излагањето на министерот за финансии Драган Тевдовски кој рече дека станува збор за Буџет со кој се става крај на расипништвото, а се нудат мерки кои ќе придонесат за подобрување на економијата и животот на граѓаните.

„Ревидирањето на бруто домашниот производ за тековната година при предлагање на буџетот за наредната година, што досега не беше практика, ја потврдува нашата опеделба за реални макроекономски проекции, како најсоодветен импут за реалистични фискални проекции и одговорна фискална политика“, рече меѓу другото Тевдовски.

На првиот ден од расправата пратеничката од ВМРО-ДПМНе и воедно претседателка на комисијата, Лилјана Кузмановска, рече дека власта само пропагира дека станува збор за „најреформски и најразвоен“ Буџет, без да понуди детални анализи. Таа запраша зошто Владата проектирала најголем Буџет досега од осамостојувањето на земјата, кога во изминатиот период како опозиција тврдела дека Македонија нема нема капацитет да реализира Буџет поголем од 3 милијарди евра.

„Свесно ќе трошите повеќе и тоа ќе значи зголемување на долгот, инаку нема друг начин како може да го објасните тие 10 милијарди ќе ги приберите доколку нема зголемување на некој друг данок или давачка, освен акцизата за која зборевме“, констатираше Кузмановска.

За пратениците од власта Буџетот е направен за да се постигне финансиска стабилизација на државата. Со него, како што рекоа, е стопирано мегаломанското трошење, за да се постигне раст на економијата и извозот.

„Четириесет милиони денари за поддрша на деловното опкружување или бизнис заедницата. Зголемување од 140 проценти, 28 милиони денари поддршка за малите и средни претпријатија директно“, твредеше пратеникот Васко Ковачевски од СДСМ.

„Граѓански буџет со онаа сликовница од девет страници? Со фонд од 35 отсто зголемување во здравството и образованието, а доле стои од септември 2018“, посочи Драган Цуклев од ВМРО-ДПМНЕ.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.