Жестоки реакции откако САД им воведе царини на сојузниците

САД од полноќ кон петокот воведуваат царини на увозот на алуминиумот и челикот од Европа, Канада и Мексико, кои истовремено најавија соодветен одговор и воведување противмерки, нарекувајќи го потегот на Вашингтон „незаконски“ и „штетен за сите“.

САД ја остварија својата закана во трговската војна со партнерите објавувајќи дека во петокот завршува периодот на специјално изземање на Европската унија, Канада и Мексико од зголемените давачки за увозот на алуминиум и челик. Американскиот министер за трговија Вилбур Рос изјави на прес-конференција дека царините во висина од 25 отсто за увозот на челикот и 10 отсто за алуминиумот ќе бидат активирани од полноќ.

„Очекувам продолжување на преговорите, како со Канада и со Мексико, така и со Европската унија, бидејќи постојат и други прашања коишто, исто така, мораме да ги решиме“, изјави Рос.

Американскиот претседател Доналд Трамп во март ги воведе царините во споменатите износи за увозот на челикот и на алуминиумот, меѓутоа тогаш ја иззема Европската унија од оваа одлука до 1-ви јуни. ЕУ тогаш за возврат се закани со контра мерки, односно воведување на царина на американскиот челик, путер од кикиритки, сок од портокал и други производи, доколку се случи спротивното. Една од можните мерки коишто се споменуваат е користењето на „блокирачкото“ законодавство според кое американските екстериторијални закони не би се спроведувале во ЕУ. На вакви мерки ЕУ се повика и во 1996 годна кога САД им се закануваа на европските компании во врска со нивните санкции за Куба, по што тогашната американска администрација попушти. Европската комисија, надлежното тело за трговската политика на ЕУ, бараше трајно изземање, тврдејќи дека Унијата е американски сојузник кој не е одговорен за прекапацитираност производството на челик и алуминиум во светот.

До 1-ви јуни беа изземени и Канада и Мексико, додека Аргентина, Австралија и Бразил добија трајно изземање.

Германската канцеларка Ангела Меркел ги нарече американските мерки „незаконски“ и изрази загриженост дека може да дојде до ескалација. „Германската влада ги отфрла овие царини. Ги сметаме за противзаконски“, а одлуката за нивното воведување „носи опасност од ескалација којашто во крајна линија ќе им штети на сите“, рече Меркел го писмената изјава од четвртокот попладнето.

Здружението на германските индустријалци BDI оцени дека потегот на Трамп е „кусоглед и автодеструктивен“. „Американскиот претседател ризикува трансатлантските односи да се вратат со децении наназад, со ескалација на трговската војна којашто самиот ја започна“, изјави челникот на BDI, Дитер Кемпф.

И британската влада изрази разочараност од американскиот потег. „Велика Британија и членките на ЕУ се блиски американски сојузници и би требало трајно да бидат изземени од американските царини“, изјави портпаролот на Даунинг Стрит.

Францускиот државен секретар во министерството за надворешни работи Жан-Батист Лемојен, царините ги нарече „неправедни и неоправдани“ го повика Брисел да реагира. „Франција не ги одобрува овие неправедни и неоправдани мерки“, рече Лемојен за новинарите оценувајќи дека САД лошо одговориле на „потребата да се преуреди меѓународната трговија“.

Мексико најави дема на американските царини ќе возврати на ист начин. „Мексико ќе воведе идентични мерки на разни производи“, меѓу кои се производите од челик, овошјето и сирењата, соопшти министерството за економија, „а на сила ќе бидат сѐ додека американската влада не ги укине царините коишто ги наметна“.