Жежов: Ако славиме Илинден заедно, Бугарија треба да го признае посебниот македонски национален идентитет

Ако имаме заедничка прослава на Илинденското востание, во тој случај, бугарската држава јасно треба да декларира дека го признава посебниот македонски национален индентитет, и тогш евентуалната прослава би била на рамноправна основа, изјави во емисијата ОКО на ТВ НОВА професорот по историја Никола Жежов.

„Во ситуација на исполитизираност на историјата, тоа би било многу тешко. Затоа велам треба да се пристапи со студени глави и рационалност. Не можеме да си дозволиме експерименти што би предизвикале последици. Јас сум поборник за тоа историската наука да се остави на историчарите. Нека историчарите разговараат на овие теми со научни факти, да не дозволиме да се инструментализира историјата за политички цели како што се случува во моментов“, апелира Жежов.

За него нема никакви дилеми дека македонскиот и бугарскиот народ се два различни народа.

„Етногенезата на македонскиот народ се разликува од таа на бугарскиот народ. Постоењето на македонската нација е историски факт и тоа не може да го негира никој. Проблемот е комплексен. Пристапот на бугарските историчари и нашиот е различен. Сме разговарале на различни конференции на овие теми и нашите ставови по овие прашања се разликувале, но сме ги почитувале разликите“, истака Жежов притоа споменувајќи бројни имиња од историјата кои рекле дека македонскиот народ е народ различен од бугарскиот, српскиот или кој и да е друг народ.

„Македонската историска наука е една од ретките, ако не и единствена на Балканот, којашто не поттикнува национална омраза, шовинизам, или негирање на други народи. Македонските историчари за време на 1990-те години во крвавите конфликти со ништо не го поттикнуваа македонскиот народ и другите националности во Македонија да учествуваат во расплинување на страсти за избивање на граѓанска војна“, изјави Жежов.

Рече дека науката треба да си остане наука и не треба да влезе во служба на политиката.

„Оној момент кога политиката ќе се вмеша и ќе стане инструмент за злоупотреба на историјата доаѓа до искривување на фактите“, предупреди Жежов.