Жежов: Секоја промена на учебниците по историја ќе има погубни последици за Макeдонија и ќе имплицира промена на името

Секаква промена на содржините на учебниците по историја ќе има погубни последици за Република Македонија, тоа го тврдам најодговорно. Не сум запознаен со ниту еден пример во светот една држава да и диктира на друга држава каква историја да пишува во учебниците. Тоа не невиден преседан, изјави во ОКО на ТВ НОВА Никола Жежов, професор по историја.

„Според бугарската историографија претпоставувам спорни теми од нашата историја им се средновековието, Самоиловата држава, Илинденското востание. Меѓутоа навлегувајќи во таква стапица самите ќе си ја пресечеме гранката на којашто седиме“, смета Жежов.

Властите во Македонија, опозицијата, сите општествено-политички фактори, научно-образовни институции, додаде Жежов, треба да изготват македонска државна и национална стратегија во која јасно ќе бидат дефинирани македонските црвени линии кои нема да бидат предмет на преговори и заговори. Тоа е рецептот, додаде, ако одиме само кон попуштања одиме во погрешен правец.

Истакна дека со промена на учебниците по историја ќе се случи домино ефект, а ваквата промена веројатно би имплицирала и промена на името на Република Македонија.

„Мораме да оствариме добрососедски односи со Бугарија, меѓутоа сме различни народи со различна историја. Некогаш правците на борбата на Бугарите и Македонците се преклопувале, особено во периодот кога Македонците и Бугарите заеднички се бореле против црковното влијание на грчката егзархија, во 19-от век. Меѓутоа, со независноста на Бугарија историјата на бугарскиот народ оди во еден правец, а историјата на македонскиот народ во друг правец“, рече Жежов.

Од аспект на историјата што се изучува во Бугарија, меѓудругото Жежов истакна дека бугарската историографија Илинденското востание го ословува како Илинденско преображенско востание, за да даде карактер дека востанието не е кренато само на територијата на Македонија, туку и на територијата на Одринско којашто припаѓала на Бугарија, Грција и Турција.

„Ако имаме заедничка прослава на Илинденското востание, во тој случај, бугарската држава јасно треба да декларира дека го признава посебниот македонски национален индентитет. Тогаш евентуалната прослава би била на рамноправна основа. Во ситуација на исполитизираност на историјата тоа би било многу тешко. Затоа велам треба да се пристапи со студени глави и рационалност. Не можеме да си дозволиме експерименти што би предизвикале последици. Јас сум поборник за тоа историската наука да се остави на историчарите. Нека историчарите разговараат на овие теми со научни факти, да не дозволиме да се инструментализира историјата за политички цели како што се случува во моментов“, порача Жежов.