Зголемен бројот на барањата за азил во богатите земји

Конфликтите во Сирија и Ирак доведоа до зголемување на барањата за азил во индустриски развиените земји за 45 отсто. Минатата година се регистрирани 866 илјади такви барања, соопшти денеска во Женева Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци, пренесе МИА.

Тоа е најголемата бројка по војната во Босна и Херцеговина во 1992 година, кога околу 900 илјади лица побараа азил во богатите држави.

Бројот на сириските бегалци, кои барат азил се зголемил повеќе од два пати и изнесува 150 илјади минатата година, според извештајот на Комесаријатот, во кој е истражена состојбата во 44 држави во Северна Америка, Источна Азија и Океанија.

Ирачките кандидати за азил се втората по големина група, 69 илјади.

Богатите земји позитивно одговараат на сосема мал дел од барањата на сириските и ирачките бегалци, од кои повеќето се примени во земјите од Блискиот Исток.

Други големи групи граѓани бараат азил поради насилството во Авганистан, сиромаштијата во Србија и на Косово и репресиите во Еритреја, се додава во извештајот.

Најголем пораст е регистриран кај барањата за азил во Германија, за 58 отсто.

САД, Турција, Шведска и Италија се меѓу државите кои добиваат голем број барања за азил.