Зголемен бројот на изнемоштените гласачи во Штип меѓу двата изборни круга

Во вториот изборен круг на локалните избори во Штип ќе гласаат дополнителни 50 болни и немоќни лица во споредба со првиот круг, кога гласале 88, така што во вториот круг за локалните избори во Штип ќе гласаат 138 болни и немоќни лица, соопшти Општинската изборна комисија (ОИК).

„Како што беше случај за првиот изборен круг, така и за вториот одреден лекар специјалист утврди дека од 71 апликација како што е утврдено, условите за гласање во сабота ги исполнуваат нови 50 болни и немоќни лица“, вели претседателот на ОИК Сенка Андреева, пренесува порталот СДК.МК.

Додава дека до ОИК имало барања за изземање од членови на избирачките одбори поради болест или резервирани летови и барањата веќе биле проследени до Државната изборна комиисија (ДИК) која треба да одлучи по нив.

По првиот изборен круг во Штип во водство е актуелниот градоначалник Илчо Захариев од ВМРО-ДПМНЕ со 13.966 гласови, пред Благој Бочварски од СДСМ со 13.930.

Засега не е познато колку затвореници од штипскиот затвор ќе гласаат во сабота, откако во првиот круг за гласање биле пријавени 240 лица кои потекнуваат од повеќе општини.

Вкупно право на глас во Штип имаат 42.083 граѓани од кои во првиот круг гласале 68,88 отсто.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.