Свет

Зголемен бројот на кандидати џихадисти во САД

Зголемен  бројот на кандидати џихадисти во САД

САД соопштија дека се соочуваат со значително зголемување на бројот на кандидати-џихадисти на своја територија, при што нивната просечна возраст е се помала, а делот на жените меѓу нив се зголемува.

Оваа информација беше објавена од тројцата главни шефови во борбата против тероризмот на сослушување од Комисија на Конгресот, пренесува МИА.

– Идентификувањето на луѓето, кои се привлечени од приврзаниците на Исламска држава на Интернет е предизвик, еднаков на барање игла во сено со големина на државата, изјави директорот на ФБИ Џејмс Коми.

– Изгледа дека на пораките на социјалните мрежни се поподложни се помладите, се повеќе девојчиња, односно припадички на женскиот род под 18 години, додаде тој.

– Во текот на летото следевме десетици лица на целата територија на САД деноноќно и ги осуетивме плановите на многумина од нив, нагласи шефот на ФБИ.

Николас Расмусен, раководител на Националниот центар за борба против тероризмот истакна дека бројноста на таа група значително се зголемила во изминатите 18 месеци.

– Од не повеќе од два или три случаи во 2009 година, случаите со кандидати-џихадисти се зголемени на десетици минатата година, а нивниот број е двојно зголемен во 2015 година, која се уште не е завршена, нагласи тој.

– Групацијата ИД влеа нова енергија во екстремистите, кои живеат во нашата земја, додаде Расмусен, кој пред парламентарната комисија се обрати заедно со Коми и министерот за внатрешна безбедност Џеј Џонсон.