Зголемен бројот на патници на двата аеродроми

Зголемен бројот на патници на двата аеродроми – до месец август опслужени 1.021.713 патници, што е зголемување од 18,3 проценти во споредба со истиот период лани.

На аеродромот „Александар Велики“ во Скопје регистрирани се 948.998 патници, односно за 16,8 отсто повеќе од минатата година кога се превезени 812.426 патници.

На охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ исто така се забележува зголемување на бројот на превезени патници. Така, од јануари до август годинава се превезени  72.715 патници, додека во истиот период 2014 година евидентирани се 51.290 патници.

Истанбул најзастапена дестинација

Најзастапени дестинации според бројот на патници се Истанбул со 14,5 отсто, Цирих 9,1 отсто, Виена 7,1 отсто, Малме 5, 9 отсто, Базел 5,4 отсто и Лондон со 5,2 отсто.

Aerodrom-Ohrid

Директни линии за пет нови дестинации

Од годинава се воведени и директни линии за пет нови дестинации до европските градови и тоа од скопскиот аеродром до Барселона, Осло, Нирнберг, Хамбург и Фридихшафен два пати неделно, а од охридскиот аеродром е воведен директен лет до Базел исто така два пати неделно.

– Континуираниот раст на бројот на превезени патници како и бројот на компании кои оперираат на двата аеродроми е директен резултат од Проектот за финансиска поддршка за поттикнување и развој на воздушниот сообраќај што го реализира Владата на Република Македонија, велат од Министерството за транспорт и врски.

Рекорден број патници во јули

Рекорден број патници на двата македонски аеродроми е забележан во месец јули, односно раст од 28 отсто на годишно ниво.

Во споредба со јули 2014, во јули 2015 година бројот на патници е зголемен за 28% на годишно ниво, или ако лани во јули македонските аеродроми имале 144.784 патници, оваа година во јули бројот на патници изнесува 185.811.

-Во периодот Јануари-Јули 2015 година, бројот на патници е зголемен за 17%, од 704.563 патници во првите седум месеци од 2014 година, на 823.492 патника во првите седум месеци од оваа 2015 година, велат од „ТАВ Македонија“.

Статистиката покажува дека откако компанијата го презеде активното управување со аеродромите, бројот на патници е значително зголемен, воведени се нови линии, квалитетот на услугата е на светско ниво.

aerodrom-8-Доколку се направи споредба со бројот на патници во периодот пред ТАВ да влезе во игра, се доаѓа до фрапантни податоци. Во првата половина на 2009-та година, вкупниот број на патници изнесувал 270.249, додека во првите шест месеци од 2015 година, бројот на превезени патници изнесува 637.681.

На годишно ниво, растот е над 75% за двата аеродрома. Турскиот холдинг го презеде управувањето со аеродромите во 2010-та година. Оттогаш, бројот на патници на скопскиот аеродром е зголемен за 76,7%, или во апсолутни бројки, од 684.905 патници во 2010-та на 1.210.509 патници во 2014-та година.