Зголемен бројот нa туристи во земјава

Бројот на туристите во јануари годинава е зголемен за 1,2 отсто, во однос на претходниот месец, а во однос на јануари минатата година за 6,4 проценти.

Раст од 1,2, односно 0,7 проценти во истите споредбени периоди бележи и бројот на ноќевањата, пренесува МИА.

Според Државниот завод за статистика, бројот на туристите во јануари 2015 година изнесувал 32.806, а бројот на ноќевањата 65.472.

Бројот на домашни туристи во јануари 2015 година во однос на претходниот месец е зголемен за 15,2 отсто, а кај странските намален за 7,5 проценти. Бројот на ноќевања кај домашните туристи е зголемен за 9,3 отсто, а кај странските бележи намалување за 4,8 отсто.

Бројот на домашните туристи во однос на јануари 2014 година е намален за еден отсто, а на странските е зголемен за 12,9 проценти. Бројот на ноќевањата, пак, на домашните туристи е намален за 11,3 отсто, а на странските е зголемен за 13,9 проценти.