Зголемен интерес за евтините кредити – со 10, 9 милиони евра отворени 185 работни места

Се ситни четвртата транша евтини кредити вредна околу 100 милиони евра. Според првиот човек на Македонска банка за поддршка на развојот Мартиновски за четири месеци биле повлечени 20,5 милиони евра и финансирани 129 проекти. 10,9 милиони евра отвориле 185 нови работни места. 10 милиони биле распределени на 59 компании. А овој месец на сметките на 20 компании ќе легат уште 7 милиони евра. МБПР најави до крајот на годината уште 20 нови милиони евра.

– Очекуваме во наредните неколку дена, односно до средината на месец ноември да се обратиме до Европската инвестициска банка со барање за повлекување на нови 11,6 милиони евра. До крајот на годината очекуваме нова транша во висина од околу 10 милиони евра со што во целост би го реализирале планот за оваа година, вели за МРТ Драган Мартиновски директор на МБПР.

Интересот за евтини кредити од Европската инвестициска банка кај бизнисмените се повеќе се зголемува. Со кредитни износи од 5,000 евра до 3,5 милиони евра и поволни каматни стапки овие кредитите се најатрактивни во стопанството. За пет години 350 милиони евра евтини кредити биле ставени на располагање на компаниите. Индиректно евтините кредити влијаеле на намалување на каматните стапки кај деловните банки.

– Од средината на летото, од кога почнавме со реализација на оваа програма, досега повлековме две транши од Европската инвестициска банка во износ од околу 20,5 милиони евра и со тие тие средства се финансираа околу 129 проекти и се очекува отворање на околу 460 работни места, рече Драган Мартиновски директор на МБПР.

Првата кредитна линија тешка 100 милиони евра, стана достапна кон крајот на 2009-та година. Третата кредитна линија беше финансиска инјекција од уште 100 милиони евра. Вкупната вредност на трите претходни кредитни линии од ЕИБ изнесуваше 250 милиони евра. Со парите се поддржаа повеќе од 1.200 проекти. Најголем дел од средствата искористија производствените компании, добија и трговците, фирмите од услужните дејности, транспортерите, градежниците.