сабота, 19 август 2017  |  Вести денес: 21

Зголемен избор на лекови од различни производители на товар на ФЗОМ

Листата на лекови по заштитени имиња на товар на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) од 11 јуни ќе биде проширена со додавање на 80 нови заштитени имиња на лекови, од 23 различни производители и компании, во рамки на постоечките генерики, што е за 4 отсто повеќе лекови за осигурениците.

fzom

Последни вести

Листата на лекови по заштитени имиња на товар на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) од 11 јуни ќе биде проширена со додавање на 80 нови заштитени имиња на лекови, од 23 различни производители и компании, во рамки на постоечките генерики, што е за 4 отсто повеќе лекови за осигурениците.

Ова денеска на прес-конференција го истакна директорот на ФЗОМ, Сашо Стефаноски, кој рече дека вкупниот број лекови од различни производители што се достапни за осигурениците на товар на Фондот изнесува 2.010 лекови или 52 отсто од регистрираните лекови во државата.

Придобивките кои ги овозможува Фондот со оваа измена, посочи, се бројни: зголемен е бројот на лекови достапни за осигурениците преку аптеките и болниците, поголем е бројот на лекови без доплата, а со тоа се зголемува и конкуренцијата на пазарот на лекови во државата и има можност за натамошно намалување на лековите. Појасни дека со тоа има и заштеда на средства на осигурениците и поефикасно користење на ресурсите во здравствениот систем.

Стефаноски рече дека дополнувањето на нови регистрирани заштитени имиња на лекови, чии генерики се веќе на Позитивната листа, Фондот го работел подолго време и го реализирал во соодветна процедура.

Фармацевтските компании по регистрирањето на лекот во Агенцијата за лекови, доставуваат барање до Фондот за лекот да добие референтна цена и шифра за да може да биде издаван во аптеките на рецепт на товар на Фондот. Овие барања ги разгледува Комисија за утврдување на референтни цени на лекови заедно со останатите податоци од Националниот електронски регистар на лекови и утврдува предлог кој потоа Управниот одбор на Фондот го гласа и носи одлука на која министерот дава согласност, по што одлуката се објавува во Службен весник, рече Стефаноски и додаде дека најновата одлука веќе е излезена во Службен весник бр. 106 од 3 јуни и ќе важи од 11 јуни.

Според него, изборот на лекови oд примарната позитивна листа достапни преку 774 аптеки низ целата држава, станува побогат за 57 нови лекови по заштитено име од 48 генерики и се наменети за: желудник (omeprazole, pantoprazole), дијабетес – за намалување на нивото на шеќер во крв (glibenclamide, repaglinide), кардио-васкуларен систем, за зголемен крвен притисок, за намалување на ниво на масти во крв (amiodarone, verapamil, atenolol, carvedilol, amlodipine, nifedipine, lizinopril, rosuvastatin), епилепсија (levetiracetam), паркинсонова болест (biperiden), воспалителни процеси (betamethasone, methylprednisole), бактериски инфекции (amoxicillin+clavulanic acid, azithromycin, ciprofloksacin), болка, воспаленија, реума (diclofenac, ketoprofen, ibuprofen), простата (dutasteride), алергии (cetirizine, loratadine) и нервен систем (diazepam, sertraline).

Појасни дека бројот на лекови за генерики од болничката позитивна листа кои ги набавуваат клиниките или Министерството за здравство, исто така, се проширува за нови 23 лекови по заштитено име со референтна цена од 18 постоечки генерики, во кои спаѓаат: витамини (ascorbic acid), коагулациони фактори (eptacog alfa), хормони (testosterone), лекови за анемија (iron oxide, saccharated), кортикостероиди (dexamethasone), антибиотици (meropenem, imipenem+cilastatin, colistin), онколошки лекови (gemcitabine, capecitabine, carboplatin, imatinib, triptorelin, letrozole), анестетици (sevoflurane).

Со новото зголемување на избор на лекови се отвора простор за поголема конкурентност меѓу производителите и аптеките, како и нова можност за намалување на цените на лековите. Бројот на осигуреници кои ќе имаат бенефит од зголемениот избор на лекови е огромен. На пример, во 2015 година на примарната листа број на осигуреници кои ги користеле овие генерики изнесува 732.743 осигуреници. Овие осигуреници реализирале 4.799.786 рецепти, а износот кој Фондот го исплатил за овие лекови е 478.647.205 денари, додаде Стефаноски.

Директорот на ФЗОМ, Орхан Рамадани рече дека овие групи лекови во првите 4 месеци од годинава ги користеле 429.414 осигуреници кои реализирале 1.655.248 рецепти, а износот кој Фондот го исплатил за овој период е 169.064.107 денари.

Посочи дека буџетот на Фондот за лекови во примарната здравствена заштита за годинава е 2,5 милијарди денари и е најголем досега за таа намена. На примарната листа на лекови на товар на ФЗОМ, потенцира, се лекови кои се пропишуваат на рецепт од матичните лекари наменети се за вонболничко лекување и се издаваат во ПЗУ аптеки кои имаат договор со Фондот.

На болничката листа се лекови кои поради начинот на аплицирање и од безбедносни причини се применуваат само во болничка, односно специјалистичко-консултативна здравствена заштита. Снабдувањето со лекови на товар на Фондот на секундарно и терцијарно ниво на заштита се извршува директно од ЈЗУ или од Министерството за здравство преку постапки за јавни набавки. Фондот е само купувач на здравствени услуги во чија цена се вклучени и лековите, истакна Рамадани.

Нагласи дека Фондот настојува да овозможи што е можно поголема достапност на квалитетни лекови за потребите на осигурениците. Визијата на Фондот, рече Рамадани, е обезбедување квалитетни лекови кои на осигурениците во моментов им се достапни во 774 аптеки, на територија на целата држава.

Покрај тоа што во континуитет се проширува палетата на лекови за осигурениците, Фондот прави напори да се обезбедат што повеќе лекови без доплата за осигурениците. Во таа насока, од новите 57 заштитени имиња на примарна листа, 16 од нив се без доплата. Со додавањето на новите лекови по заштитено име, што се присутни на нашиот пазар, бенефитот за осигурениците е во тоа што се зголемува конкуренцијата на пазарот на лекови и осигурениците на Фондот добиваат поголем избор на лекови. Истовремено, тоа значи и можност за натамошно намалување на цените на лековите, заштеда на средствата на осигурениците и поефикасно користење на ресурсите во здравствениот систем, додаде Рамадани.

Најчитани вести