Зголемен извозот во Германија

извоз

Мартенс на средба со новинарите нагласи дека македонскиот пазар е од големо значење за Германија, а токму поради проширувањето на деловните активности во земјава, Делегацијата ќе биде раководена директно од тука, од Скопје, наместо како досега, од Белград.

Претставништвото на Германските комори во Македонија по седумнаесетгодишно делување во земјава, со почетокот на  2017 прерасна во Делегација, што претставува значајно унапредување на канцеларијата во германскиот систем на комори. Првпат Берлин испраќа директор кој ќе биде надлежен за Македонија и ќе ја извршува својата функција во Скопје, информира Мартенс.

Осврнувајќи се на економските активности и на улогата на коморското работење, ја нагласи потребата од специјализирани, стручни кадри за бизнис секторот. Во овој контекст посебно ја подвлече непходноста од дуалното образование и го најави тригодишниот проект поддржан од германската влада што ќе почне да се спроведува оваа година.

Македонија е меѓу петте избрани земји во кои е предвидено да се спроведува овој проект. Делегацијата на германското стопанство ќе добие и експерт задолжен за дуално образование, кој ќе го пренесе германското искуство во македонскиот образовен систем. Оваа иницијатива е поддржана од Министерството за стопанство на Сојузна Република Германија, рече Мартенс.

Дуалното образование подразбира три дена практично учење, директно во фабрики/погони/капацитети/индивидуални занаети, а два дена теоретска настава во школо. Токму поради ваквиот систем кој Германија, посочи Мартнес, го негува речиси три века, невработеноста на младите е минимална. Има стручни кадри кои им се потребни на стопанствениците, како и можност за нивна постојана доквалификација и специјализација.

Патрик Мартенс има 20-годишно работно искуство во германските комори. Кариерата ја почнал во Бразил, ја продолжил во Саудиска Арабија и Иран, а во Македонија пристигна од Гана каде што последните 11 години беше директор на Канцеларија.

Во 2000 година кога беше отворено Германското претставништво во Македонија работеа 15 германски компании во форма на трговски претставништва. Во меѓувреме оваа бројка се зголеми за десет пати, но исто така во изминатите години расте и бројот на директни германски инвестиции. Германските компании присутни на македонскиот пазар денес вработуваат околу 20.000 лица, а трговската размена меѓу Македонија и Германија во 2015 беше 2,5 милијарди евра. Со тоа, велат од Претставништвото, Германија останува најважниот трговски партнер на Македонија.

Мартенс ја презема функцијата од досегашниот директор Мартин Кнап кој ја раководеше Канцеларијата во Македонија од Белград. Оваа одлука ја донесе Берлин по детално оценување на  работата на Претставништвото на Германските комори во Македонија во изминатите години.