Зголемен откупот на пченицата

До 31 јули годинава ожнеани се околу 82.210 хектари пченица или 87 отсто од површините. Остварениот просечен принос достигнува до 3,5 тони на хектар и доколку се задржи на ова ниво, се очекува производство од 330.000 тони што претставува зголемување за околу 20 отсто или 53.000 тони во споредба со минатата година.

Како што соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), до почетокот на август се откупени околу 75.000 тони пченица или 66 проценти од вкупните лански количини, што е зголемување за околу шест отсто во споредба со истиот период минатата година, кога биле откупени 70.000 тони.

Според земјоделскиот информативен систем на МЗШВ и доставените податоци од откупувачите, просечна откупна цена на меркантилната пченица од реколтата 2014 за јули изнесува 10,74 денари за килограм.

Лани беа ожнеани 93.646 хектари од кои е остварено производство од 280.929 тони со просечен принос од околу три тони на хектар.