Зголемено кредитирањето во третиот квартал

Кредитирањето и на населението и на претпријатијата во третиот квартал од годинава забележало пораст, побарувачката за кредити, исто така, била поголема, а условите за кредитирање биле олеснети, пренесува МИА.

Ова го покажуваат резултатите од Анкетата за кредитната активност на банките во земјава во третото тримесечие спроведена од Народната банка на Република Македонија во септември 2014 година. Со анкетата се опфатени 14 банки.

Според одговорите во анкетата, побарувачката кај прептријатијата е поттикната од потребата за инвестиции во основен капитал и во залихи и обртен капитал, како и преструктурирање на долгот. Четириесет и четири проценти од банките оценуваат дека инвестициите во основни средства делумно придонесуваат за раст на побарувачката, а помал број банки укажуваат дека влијаело преструктуирањето на долгот.

Условите, според банките, биле повеќе олеснети за кредити одобрени кај големите претпријатија. Олеснувањата се однесуваат на каматната стапка и големината на заемот.

Како фактори кои влијаеле врз условите за одобрување на кредитите на претпријатијата, банките ги навеле очекувањата за вкупната економска активност, перспективата на гранката на која припаѓа претпријатието, како и ризикот од неизвршувње на обезбедувањето.

Во анкетата банките наведуваат дека се олеснети условите и за кредитите за населението, кои бележат умерено зголемување. Најголемо влијание врз зголемената побарувачка на станбени и потрошувачки кредити имала довербата на потрошувачите.

Во четвртото тримесечје банките очекувааат олеснување на кредитните услови и зголемена побарувачка за што се изјасниле 45 проценти од банките. Двојно е зголемен и бројот на банките кои очекуваат зголемување на побарувачката за станбени и потрошувачки кредити од 31 на 59,6 проценти и од 27 на 63 проценти.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.