Зголемено присуство на полицијата за побезбеден сообраќај

Веќе подолг период, се чини дека секојдневно сме сведоци на големи сообраќајните несреќи со фатални исходи, и речиси и да не помне ден без да се проговори за безбедноста на улиците во главниот град, но не изостануваат многу ни сообраќајниците во другите делови од земјава.

Непочитувањето на сообраќајните правила, брзото возење, возачи во алкохолизирана состојба, се само дел од креаторите на грозоморниот биланс, според кој во изминатите десет месеци околу 110 лица го загубија животот на патиштата во државава. Сепак, како мала утеха е фактот што минатата година, во истиот период,  бројот на жртвите во сообраќајни несреќи бил над 160.

Кампањата „Почитувајги ги правилата ,почитувај го животот“,од Министерството за внатрешни работи велат дека веќе има позитивни ефекти. Според последната статистика бројот на жртви во сообраќајни незгоди е намален за 30 отсто во однос на минатата година.
Од друга страна, измените во новиот закон за сообраќај предвидуваат многу поголеми казни за несовесните возачи, и никаква толеранција за неисправни возила на коловозите, за непочитување на прецизните сообраќајни правила и прописи.

Во насока на подигањето на степенот на сообраќајната безбедност и култура, од Министертсвото за внатрешни работи, посочија дека се разгледува и можноста за зголемување на бројот на полицајци на терен. Бидејќи, доколку полицијата е повидлива, возачите секако би биле повнимателни.

Исто така, како активна мерка во контролата на сообраќајните прекршоци, се и камерите поставени на најфрекфентните места на влезот и на излезот на Скопје. Некои камери се свртени само во една насока, а некои можат да се вртат за 360 степени. Снимките се обработуваат во оперативниот центар на МВР. Сите камери и снимки се поврзани со еден систем, а снимките се чуваат до шест месеци, освен ако не се потребни за кривични или прекршочни постапки. Казните за прекршоците фатени со камерата ќе стигнуваат на домашна адреса.

Друг проект кој исто така е во насока на подигнување на сообраќајната култура, е „Пријавете сообраќајна контрола“. Имено, граѓаните преку  интернет страницата на МВР можат да испратат  забелешка за одредени сообраќани нерегуларности. Потребно е да ја наведат локацијата и временскиот период во кој најчесто ги забележуваат овие појави без оглед дали станува збор за брзо возење,  непрописно паркирање или непочитувања на сообраќајната сигнализација.