Зголемување на платите и за вработените во МВР

Дел од новите мерки кои денеска ги презентираше премиерот Никола Груевски пред претставниците на синдикатите беше и етапното усогласување на платите на вработените во Министерството за внатрешни работи со оние од државната администрација.

„Владата во соработка со Синдикатот за надминување на овој предизвик ќе изработи повеќегодишна стратегија за усогласување на основната плата во МВР со основната плата во јавната администрација“, рече Груевски.

Според него, со тоа ќе се обезбеди етапно усогласување на структурата на платите во МВР за да бидат слични со основната плата во државната администрација и платите на другите полициски служби со земјите во регионот.

Тоа, како што објасни премиерот, ќе се постигне преку корекција на плата, пред се’ давајќи приоритет на ниските плати, стандардизација на разликата на плати и признавање на посебната улога на МВР во општеството поради ризиците, функциите кои ги врши и специфичните задачи во кои не се вклучени други претставници на јавната администрација.

Груевски во својот говор истакна голем број проекти и мерки преземени во  делот на работничките права, реформа на пензискиот фонд, образованието, културата, здравството, одбраната и безбедноста…

На крајот од својот говор, премиерот нагласи дека тој и Владата ќе продолжат да работат во соработка со синдикатите.