Зголемување на степенот на вклученост и интеграција на ромската заедница

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов се обрати на VI-та Работна средба за инклузија на Роми и Роми бегалци на која се разменија мислења и ставови, се оценија состојбите и напредокот на статусот кој го имаат граѓаните од ромска национална припадност во Република Македонија.

Во своето обраќање министерот Спасов истакна дека зголемувањето на степенот на вклученост и интеграција на ромската заедница во современите општествeните текови е јасно дефинирано со Стратегијата за Ромите во Република Македонија и Националните Акциони Планови од Декадата за вклучување на Ромите.

“Притоа, сите активности кои произлегуваат одовде, се во насока на изградба на една сплотена заедница која се стреми кон континуиран економски и севкупен одржлив развој, општество кое интегрира и дава еднакви можности на сите.

Европските искуства во делот на вклучување и интеграција на Ромите се патоказ за Република Македонија. Со посветеност ги следиме европските примери и се стремиме да бидеме во чекор со нив. Тоа е наша стратешка определба. Унијата со неколку програмски документи ги насочува земјите членки но и сите други земји од Европа како да го третираат ромското прашање. Тука пред сè мислам на Европската Платформа за вклучување на Ромите иницирана да поттикнува соработка и размена на искуства за успешно вклучување на Ромите во политики и практики помеѓу земјите членки на ЕУ.

Потоа, Европската платформа против сиромаштијата и социјалната исклученост – Стратегијата наречена Европа 2020, која има за цел за извлекување на најмалку 20 милиони луѓе од сиромаштија и социјална исклученост во следната декада”, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов во своето обраќање на VI-та Работна средба за инклузија на Роми и Роми бегалци.

Во рамки на ЕУ започната е дискусија за поттикнување на земјите-членки да усвојат Европски рамковен систем на нивните стратегии за интеграција на Ромите, односно Стратегија на ЕУ за Европска интеграција на Ромите. Оваа иницијатива доби поддршка во вид на Резолуција од Европскиот парламент. Република Македонија го усвои овој рамковен систем и го вметна во Стратегијата за Роми во Република Македонија ревидирана во согласност со Европската Стратегија 2020.

Ранливиот статус којшто го имаат Ромите бара координирана, долгорочна обврска и акција на сите вклучени страни. Во таа насока, поставени се јасни цели кај нас на национално ниво за напредок, постојано набљудување на достигнувањата во однос на целите, како и размена на информации за тоа кои пристапи покажуваат најдобри резултати за подобрување на економскиот статус и социјалното вклучување на Ромската популација.

Министерството за труд и социјална политика во рамките на надлежностите и координативната улога што ја има и понатаму ќе продолжи со примена на проектите коишто се препознатливи и даваат резултати за Ромската заедница.

Притоа, прашањето за вклучување на пазарот на трудот е од клучно значење за Ромите во нашата земја, но и предизвик на кој сме сериозно посветени. Тоа е комплексен проблем кој бара постојано следење и надградување на постојните решенија со цел изнаоѓање на соодветните решенија кои што ние ги нудиме преку активните мерки и политики за вработување.

За нас како министерство врвен приоритет е вклучување на децата Роми во предучилишното образование. Тука превземавме одлучни чекори и последните бројки говорат дека над 2.500 деца се вклучени во предучилишното образование, Овие бројки се во тенденција на растење како наша приоритетна заложба”, информираше министерот Спасов и продолжи:

“Фокусирани сме доследно на акцијата за идентификување на лицата неевидентирани во матичните книги на родени и помош при обезбедување на лични документи. Од нив во моментов за 120 лица е извршен уписот во матичната книга на родените а на останатите интензивно се работи. Секоја година, Министерството за труд и социјална политика издвојува и финансиски средства за правење на ДНК анализи и досега се направени 92 ДНК анализи.

Вклучувањето на сите релевантни фактори во решавањето на суштинските проблеми во ромската заедница гарантира успешност. Со цел поголема информираност на припадниците на ромската заедница за нивните права и можностите како рамноправни граѓани, функционираат 12 Ромски информативни центри и регионални мобилни бесплатни правни канцеларии. Сите овие проекти се имплементирани во соработка со меѓународни организации и со Ромски невладини организации”, рече Спасов и заврши констатирајќи дека Ромите се лојални граѓани во оваа земја и исто како и сите други придонесуваат за развојот и демократијата во Република Македонија.