Македонија

Зголемување од пет отсто на платите во јавната администрација

Зголемување од пет отсто на платите во јавната администрација

Од октомври годинава платите на вработените во јавната администрација ќе се зголемата за пет отсто, најави премиерот Никола Груевски во денешното обраќање пред синдикатите

Тој истакна дека со ова и со олабавувањето на европската должничка криза, како и со континуираните економски реформи на владиниот тим, постепено се враќаме на претходно зацртаните политики и планови.

„Со цел да се овозможи подобрување на стандардот на вработените во јавниот сектор, јавната администрација, иако тоа го немавме ветено претходно, го немавме ветено пред изборите во нашата програма, ниту во владината програма, а согласно Законот за исплата на плати во РМ во 2007 се изврши зголемување на платите на оваа категорија на вработени – вработените во јавниот сектор за 10 проценти, а во 2008 уште еднаш за 10 проценти. Tаков чекор претходно се немаше случено во Македонија, а особено е значаен фактот што истото не беше направено под притисок на штрајкови или демонстрации“, истакна премиерот Груевски.

Со новите економски политики од септември 2006, со намалувањето на даноците и со временото зајакнување на даночната дисциплина, додаде, успеавме со пониски даноци да прибереме повеќе пари во буџетот од претходно.

„Тоа беше доволно да повлечеме потег за кој претходно разговаравме и со раководствата на синдикатите“, рече Груевски.

Потсети дека таков ист чекор се планирал во 2009 година, но оти светска криза ги одложила плановите на Владата.