Зголемувањето на акцизата на дизелот ќе чини 2 милијарди денари повеќе

Речиси 2 милијарди денари повеќе ќе платиме идната година заради зголемувањето на акцизата на дизелот за 24 отсто. Од тие 2 милијарди, 1,6 милијарди денари ќе бидат зголемени приходи од акцизата и уште 350 милиони денари од ДДВ-то кое ќе порасне заради зголемената основица за пресметка предизвикана од акцизата. Министре Тевдовски има ли ваков скок на државна давачка дури и во Данска која важи за еко-оаза?, пишува порталот Фактор.

Министерството за финансии објави дека за 24 отсто ќе поскапи акцизата за дизел горивата од почетокот на идната година. Од сегашните 12,5 денари за 15,5 денари за литар дизел гориво. Според официјалните податоци кои може да ги најдете на официјалниот сајт, Министерството за финансии очекува вкупен раст на буџетските приливи за 1,95 милијарди денари кои ќе бидат резултат на зголемиот износ на акцизата и ДДВ-то. Од акцизата очекувањето е приходите во буџетот да пораснат за 1,6 милијарди денари, а од ДДВ-то кое ќе порасне како резултатот на основицата на која се пресметува приходот ќе порасне за уште 350 милиони денари. Според планот на министерот Тевдовски централниот буџет идната година ќе акумулира 193,4 милијарди денарии тоа е безмалку 10 милијарди денари повеќе од приходите во ребалансираниот буџет за годинава. Дури 20 отсто од тоа зголемување ќе го платиме преку зголемувањето на акцизата и ДДВ-то за дизел горивото.

Приходите од акциза во буџетот за оваа година се проектирани на ниво од 23,34 милијарди денари. Нивната реализација до крај на септември е 17,125 милијарди денари и тоа е 73,4 отсто од годишниот план. Доколку планот за идната година не се менува по друг основ тогаш само со зголемување на акцизата на дизел горивото во буџетот ќе се слеат 25 милијарди денари.