Зграда во Стар Аеродром ќе лапне детско игралиште

И покрај силните предизборни убедувања на градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин, дека нема да дозволи непланско градење и трупање на згради во урбаното јадро на општината, станува јасно дека ветувањата беа само популистички и без вистинско значење.

Јас се кандидирам за градоначалник затоа што квалитетот на животот во општината е драматично влошен, а јас имам план  како тоа да го подобрам. Прво, со непланско градење и трупање на згради во урбаното јадро на општината, се загуши просторот, се влоши квалитетот на воздухот и се оптовари инфраструктурата. Во мојот план за квалитетен живот има конретни решенија, како итно запирање на понатамошно градење во урбанизираниот дел на општината, ревизија на сите ДУП-ови и изработка на нови, изјавуваше тогаш Марин.

Деновиве, во населбата Аеродром, граѓаните реагираат на изградба на нова станбена зграда, на огромен плац кој опфаќа и детско игралиште, до „Тобако 2“. Револтираани граѓани, во знак на незадоволство,  урнаа и дел од тарабите со кои е оградена градежната парцела.

Инвеститор на зградата е „Порта Инжинеринг Груп“, односно 13 лица кои се сопственици на парцелата и станари на бараките околу. Според Деталниот урбанистички план, на парцелата е впишан голем станбен објект со можност за подигнување 10 ката (П+9+Пк).

Од општина Аеродром потврдија дека на тоа место ќе се издигне станбен објект. Оттаму објаснуваат дека детското игралиште ќе се префрли на зеленило кое е во непосредна близина на постојното игралиште.

Стопирање на градбата не е можно бидејќи е издадено правосилно одобрение кое е во согласност со ДУП-от и законската регулатива. Инаку, станува збор за земјиште кое е во приватна сопственост, така што Општината ја имаше поставено урбаната опрема и детските реквизити на приватно земјиште.

Со промената на урбанистичките планови, изминатиот период  жителите од бараките во Стар Аеродром кои се урнаа, добија нови домови во нови згради.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.