Зградата на BBC во Манчестер накусо евакуирана, војската на позиции, Челзи ја откажа поворката

Радио станицата BBC, местена во најстрогиот центар на Манчестер, во средата накусо беше евакуирана по огласувањето на противпожарниот аларм.

„Не стануваше збор за инцидент. Сé е во ред, ја продолжуваме програмата“, изјави водителот започнувајќи ја програмата во живо која беше прекината.

Британската војска во средата ги започна подготовките за распоредување околу зградата на парламентот, по воведувањето на највисокиот степен на приправност во земјата.

Премиерката Тереза Меј ден претходно рече дека војниците ќе им се приклучат на полициските патроли на стратешките позиции, по нападот во Манчестер во понеделникот ноќта кога беа убиени 22 луѓе, а 59 се ранети од кои дваесетина се во критична состојба.

Британија од вторникот е на највисоко ниво на тревога во врска со безбедноста, а станува збор за ниво коешто се означува како „критично“, што значи дека се проценува оти нов терористички напад е речиси неизбежен.

Фудбалскиот клуб Челзи, победник на англиското првенство, објави во средата дека ја откажува поворката којашто требаше следната недела да се одржи на лондонските улици со којашто ќе ја прослави титулата, поради нападите во Манчестер.

„Во заднината на овие трагични настани, мислиме дека не е умесно да се организира прослава на титулата. Во ниеден случај не сакаме да трошиме големи средства одржувајќи уште еден настан на улиците на Лондон“, се наведува во соопштението објавено на интернет страницата на Челзи.

Одлуката ја донеле откако владата го подигна нивото на опасност од тероризам на највисоко ниво, додаваат од Челзи кој во сабота на „Вембли“ игра со Арсенал во финалето од англискиот куп.

Клубот од западен Лондон ќе „даде донации за жртвите“, а неговите играчи во сабота ќе играат со црни ленти на рацете. „Нашите мисли се со жртвите, нивните семејства и блиските“, соопштија од Челзи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.