Згрижено ликовното творештво на Чемерски

На денешната педесет и втора седница на Советот на Општина Карпош, советниците го прифатија предлогот за одобрување на финансиски средства, со кои ќе се заштити ателјето со ликовните дела на починатиот заслужен граѓанин на Општината, академик Глигор Чемерски.

По кратка дискусија, советниците се согласија да бидат одобрени предвидените средства за надгробен споменик на легендата на маратонското пливање – Нико Нестор, кој исто така е заслужен граѓанин на Општина Карпош.

Претседателот на комисијата за култура, Горан Михајлов, пред членовите на Советот на Општина Карпош, ја образложи  предлог- програмата која се однесува  на  активностите на Општина Карпош, од областа на културата за 2016 година. Притоа, советникот Михајлов говореше за традиционалната културна манифестација Карпошово културно лето, како еден од препознатливите културни брендови на локалната самоуправа.

Меѓу останатите точки на оваа седница, беа одобрени финансиски средства за реконструкција на фасади на колективни станбени објекти во Општина Карпош, и се одобрија средства за реконструкција на лифт во станбена зграда на ул. ,, Никола Русински’’ бр. 12, влез 2.