Жак Рупник: ЕУ има голема одговорност за случувањата во Македонија

Францускиот политолог и специјалист за Балканот Жак Рупник  за францускиот неделник „Л’експрес“ ја анализира ситуацијата во Македонија по настаните од минатиот викенд, оценувајќи притоа дека Европската Унија не ги исполнила ветувањата кои и ги даде на Македонија во 2001, пренесува дописникот на МИА од Париз.

На прашањето зошто сме сведоци на овој излив на насилство во Македонија, Жак Рупник одговара дека во моментов не му се познати причините за тоа, бидејќи вооружената група која го создаде насилството не ги изрази своите барања.

– Напротив, потребно е да се стави ова насилство во внатрешниот регионален контекст. Всушност, ние сме во контекст на поларизација. Од една страна, имаме една македонска десничарска, авторитетна влада, од друга страна Албанија која држи комунитаристички говор. Бујар Нишани тврди дека е претседател на сите албанци. Оваа заедница претставува скоро една четвртина од две милионското македонско население. И покрај напорите на владата на Македонија, тешкотиите за интеграција се присутни и понатаму, со што се зголемуваат тензиите меѓу мнозинското македонско православно население и Албанците. Контекстот не е поволен и можеме да стравуваме од повторна појава на насилство споредливо со тоа од 2001 година, вели Рупник.

На прашањето на неделникот „Л’Експрес“, зошто овие тешкотии се присутни и понатаму по 2001 година и дали тие претставуваат идентитетско затворање на заедниците, политикологот од Меѓународниот центар за научни испитувања при Високата школа за политички науки во Париз, одговара дека тоа во еден дел се должи и на Европската Унија, која се вклучи во политичкото решавање и ја реши кризата од 2001 година, но, според Жак Рупник, ЕУ ги изневери ветувањата кои и ги даде на Македонија.

– Одговорноста на ЕУ е значајна, бидејќи таа и даде големи ветувања на Македонија, кои не ги исполни. Во 2005 година, Македонија ја претстави кандидатурата за членство во Европската Унија. Земјата полагаше големи надежи за да се стекне со економски развој. Но преговорите не започнаа. Бидејќи Грција стави вето за влегувањето на земјата во Унијата. Грците сметаат дека името Македонија претставува кражба на нивната историја. Уште еднаш, тоа е национализа. Резултатот, Македонија попушти на искушението да се повлече кон самата себе си, оценува Рупник.

Запрашан од „Л’Експрес“, кои решенија треба да се спроведат за да се избегне да се запали барутот, Рупник одговара: – „Европската Унија не може да се задоволи да дава наредби. Противотровот за национализмот е ЕУ. Таа треба да и понуди на Македонија партнерство, на ист начин како што тоа го направи со Србија. Македонија не е меѓу најлошите на Балканот. Таа зачува економски раст од 3% на БДП. Но, таа останува една мала и ранлива земја, чија економија главно почива на аграрот и неколку индустрии. Како последица на тоа, неопходно е веднаш Европската Унија да биде способна да му рече не на грчкиот национализам, завршува францускиот специјалист за Балканот, Жак Рупник.

Во вторникот, слична анализа како во повеќе регионални весници во Франција (Л’Ест републикан, Вож Матан, Републикан Лорен, Дерниер Нувел д’Алзас, Прогрес и Дофине Либере) со вкупен тираж од 1.300.000 примероци даде и македонско-францускиот новинар и дописник на МИА од Франција, Тони Гламчевски.