Жан-Ерик Паке е нов директор за проширување во Европската комисија

Французинот Жан-Ерик Паке е новиот директор на секторот „Б“ во Директоратот за преговори за проширување на Европската комисија, предводен од еврокомесарот Јоханес Хан, објави МИА.
Паке доаѓа на местото на Александра Кас-Грање.
Од утре на местото на еврокомесарот Штефан Филе доаѓа Австриецот Хан. Директорат ќе остане под директорската палка на Данецот Кристијан Даниелсон, но во иднина ќе го носи името Директорат за соседство и за преговори за проширување.
Се очекува Ирецот Дејвид Кулен, кој е автор на последните два извештаја за нашата земја, да остане да работи на македонското досие. Исто така, новиот комесар Хан веќе ги именуваше и својот шеф на кабинет, Михаел Карнишниг и неговиот заменик, Ема Удвин. Досегашниот шеф на кабинет на Филе, Сајмон Мордју, пак, именуван е за нов директор за стратегија за проширување.
Новата Европска комисија предводена од Жан-Клод Јункер веќе нема да има портпароли за секој од 27-те еврокомесари, како што е досега, туку ќе има само седум гласноговорници кои ќе покриваат по неколку портфолија. Досегашниот портпарол за проширување Петер Стано, од утре ќе биде нов гласноговорник на Министерството за надворешни работи на Словачка, а Словенката Маја Коцијанич, која досега беше портпарол на Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика (Кетрин Ештон), ќе продолжи и во новата Еврокомисија да говори во име на Федерика Могерини, но овојпат ќе го покрива и ресорот за проширување.
Нов портпарол на целата Комисија е Гркот Маргритис Схинас.