Жаре Бербер им одговори на СДСМ: Ме иритира дволичноста, сепак им простувам

Жаре Бербер одговори на прозивките од СДСМ. Тој во изјава за КУРИР вели дека го иритира дволичноста, но сепак им простува.

Жаре Бербер вели дека неговиот личен и професионален однос наспроти пријателите и познаниците е секогаш искрен и директен и поради тоа смета дека нема потреба да го оправдува.

-Не знам зошто, но излегува дека јас го кажувам она што другите го мислат. Секогаш ме иритирала дволичноста  и лицемерието кај луѓето, можеби поради тоа ме погоди  и ова претходното.  Но, моите пријатели во Прилеп и во цела Македонија знаат дека јас никому не сум наштетил. Напротив, секогаш кога сум можел,  секому сум  помогнал, изјави Жаре Бербер за КУРИР.

Тој нагласува дека неговата “политичка” опција во животот е музиката, хуморот, позитивната енергија, човечноста и никој тоа не може да му го ограничи.

-Импутирањето на разни небулози го разбирам само како атак кон јавна личност, истовремено им простувам на сите и им посакувам многу здравје и успех во животот. Бидејќи периодот на постот не го сфаќам формално,  убеден сум дека секое лицемерие и  било каква неправда од мене сторена, кон било кого,  се враќа како бумеранг, вели Жаре Бербер.

Затоа, како што потенцира, внимава да остане во вистината секогаш, и по овој повод наспроти интригите и подметнувањата.