Жена самоубиец усмрти 18 лица во Волгоград

Најмалку 18 жртви и 50 повредени изнесува црниот биланс од трагедијата што се случи во Волгоград, во централна Русоја каде што, како што се верува, жена самоубиец активирала експлозив на железничката станица.

„Потврдено е дека бројот на жртвите е 18 лица и дека има уште барем 50 повредени,“ објави Националниот комитет за антитероризам.

Околу 12.45 часот според локално време, одекна експлозија во зградата на железничката станица Волгоград 1 и потоа на сите страни се рашири густ чад. Еден од очевидците, за агенцијата РИА Новости потвдри дека видел неподвижни тела, скршено стакло и расфрлано ѓубре.

Експлозијата се случи во близината на детекторот за метал кој се наоѓа на главната градска железничка станица во Волгоград.

Зградата е блокирана, а причина за експлозијата не е соопштена. Засега трагедијата се третира како терористички акт.Се уште никој не ја презел одговорноста за нападот кој следеше неколку месеци откако чеченскиот лидер на бунтовниците, Доку Умаров ги повика приврзаниците да организираат напади во текот на ЗОИ.

Волгоград има околу еден милион жители, и од Сочи каде што се завршуваат подготовките за Олимпијадата во февруари, е оддалечен 700 км.